Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје и Националната библиотека на Романија денеска во Букурешт ја организираат еднодневната книжевна манифестација „Литературни огледала: Романија – Северна Македонија, важноста на книжевните преводи во мултикултурниот свет“.
Во рамки на манифестацијата, ќе се одржи книжевна средба во Националната библиотека во Букурешт на која ќе се претстават двајца македонски и двајца романски автори, Јовица Тасевски-Етернијан, поет и есеист, Лидија Димковска, прозен писател, Ана Бландијана, поетеса и есеист и Габриела Адаместеану, романсиер, автор на кратки раскази и есеист.
Во вториот дел на манифестацијата ќе се одржи трибина на која присутните автори, гости и претставници од Националниот центар за книги – Романски институт за култура, надлежна институција за програмите за поддршка на преводи, ќе дискутираат и ќе разменат информации и мислења за преведувањето, како и за програмите и можностите што се нудат во двете држави за преведување.
Во рамки на настанот ќе има изложба на публикации преведени од романски на македонски јазик и обратно, од македонски на романски јазик, што ќе ги обезбедат двете институции.
– Овој проект претставува континуитет на ваквите проекти кои НУБ „Св. Климент Охридски“ ги реализираше во изминатите години со националните библиотеки на Бугарија, Словенија, Србија и Хрватска, соопшти Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје.
Проектот е поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија.