Ансамблот на НУ Народен театар Битола ги заврши подготовките за прва изведба на театарската претстава „Детето сонува“, чиј автор е Ханох Левин (1943-1999), а режисер Итаи Дорон, двајцата од Израел.
Првата верзија на текстот датира од 1939 година и била со наслов „Бродот Св. Луис – Песни за смртта“, драмски текст кој викендов битолските актери ќе го одиграат под насловот „Детето сонува“, а во кој главните улоги ги толкуваат Борис Чоревски и Ангел Мицевски.
– Оваа претстава зборува сама за себе, таа е еден од каноните на израелскиот театар, напишана од големиот национален драмски писател Ханох Левин. Во претставата има црн хумор кој го опишува чувството и понижувањето за тоа како е да си човек на овој свет. Претставата воедно нуди и една многу остра и радикална политичка сатира. Сликата што ја прикажува овој текст на Левин е суровата реалност која се открива за време на патувањето, добива еден бесконечен облик низ призмата на сонот – рече Дорон.
Во претставата ќе настапат и актерите Катерина Аневска Дранговска, Огнен Дранговски, Марјан Ѓоргиевски, Петар Горко, Соња Михајлова, Борче Ѓаковски, Соња Ошавкова, Петар Мирчевски, Никола Стефанов, Анастазиа Христовска и Александар Стефановски.
Театарската претстава е поддржана од Министерството за култура, потврди Иван Јерчиќ, директор на НУ Народен театар Битола и истакна дека деновиве реализирани се нови 12 вработувања во таа национална установа.