Украинскиот претседател Петро Порошенко предложи земјата да усвои закон со кој проруските медиуми ќе добијат статус на странски агенти и ќе се регулираат нивните активности.
– Гледаме дека петтата колона ја крева главата. Во Украина е активна мрежа на руски агенти, кои контролираат дел од медиумите и разни организации, кои се претставуваат како независни. Тие се можеби независни од Украина, но се под контрола на Кремљ и промовираат антиукраинско, антиевропско и антиамериканско расположение. Дел од нашиот медиумски простор е под окупација, исто како што е под окупација дел од нашата територија, изјави Порошенко.
Претставници на невладините организации во Украина реагираа на оваа изјава, стравувајќи дека таа може да доведе до ограничување на нивните активности во земјата. Според нив, формулацијата на законот што го предлага Порошенко наликува на сличниот закон за ограничување на невладините организации во Русија.
Хелсиншкиот комитет на Украина меѓу првите реагираше против таквиот предлог.
Предлогот на Порошенко доаѓа неколку месеци пред претседателските избори во Украина.