Тајландски премиер Прајут Чан-оча ја посети пештерата Там Луанг, во која спасувачките тимови веќе шести ден трагаат по 12 момчиња и нивниот фудбалски тренер. Тој побара од нивните роднини да не губат надеж.
– Мора да има вера, со верба се е поуспешно, вера во нашите деца кои се силни и енергични – изјави Чан-оча.
Тајландски и меѓународни спасувачите се обидуваат да ги пронајдат исчезнатите момчиња на возраст меѓу 11 и 16 години и нивниот 25-годишен тренер, кои исчезнаа во саботата, по завршениот тренинг.
Нивните велосипеди, ранци и патики се пронајдени пред пештерата.
Во потрагата, покрај тајландските специјални единици “Фоки”, вклучени се и британските експерти за нуркање во пештери и американскиот тим од 30 експерти, но дождот кој речиси постојано врне, ја попречува потрагата.
Властите се надеваат дека тие пронашле суво место во пештерата и дека се доволно здрави за да останат живи.