Премиерот Заев на средба со менаџментот на „САСА“

Раководниот тим на рудникот, информираат од владината прес-служба, изрази задоволство од досегашните достигнувања на рудникот „САСА“, од неговиот потенцијал за иден развој, како и од искуството и знаењето на вработените, како показател за квалитетот на техничкото образование и експертизата во областа на рударството во Македонија.

222

Успешните инвестиции се дополнителен мотив за Владата да ги подобрува условите и да стимулира поголеми и нови вложувања, порача премиерот Зоран Заев на денешната средба со членовите на Бордот на директори на компанијата „Централ Азија Металс“ (ЦАМЛ), сопственик на рудникот за олово и цинк „САСА“ на која се разговараше за идниот одржлив развој на најголемиот рударски комплекс во земјата.

На средбата, на која присуствуваа и градоначалничката на Македонска Каменица Соња Стаменкова и советничкиот тим на премиерот, менаџментот на компанијата, претставен од претседателот на Бордот на директори на ЦАМЛ, Ник Кларк и генералниот директор Најџел Робинсон со седиште во Лондон, како и генералниот и регионалниот директор Олег Телној и Ивица Карапетров, на премиерот Заев му ја претставија компанијата со посебен акцент на планот за иден развој на рудникот и локалната заедница.

Раководниот тим на рудникот, информираат од владината прес-служба, изрази задоволство од досегашните достигнувања на рудникот „САСА“, од неговиот потенцијал за иден развој, како и од искуството и знаењето на вработените, како показател за квалитетот на техничкото образование и експертизата во областа на рударството во Македонија.
Тие изразија уверување дека компанијата ќе продолжи да вложува во развој на рудникот преку примена на современа технологија и најдобри меѓународни практики и стандарди во рударството, како основа за обезбедување стабилност на работните места на околу 700 вработени во компанијата.

Премиерот Заев изрази задоволство од посветеноста на компанијата долгорочно да ја развива рударската дејност, со што како што рече, се обезбедува раст на македонската економија и се испраќа порака до идните инвеститори за стабилна деловна клима во Македонија, што обезбедува подобар стандард за сите граѓани во државата.

Заедно со градоначалничката Стаменкова, премиерот Заев потенцира дека обезбедувањето на работни места во општината е голем поттик за младите луѓе да останат во својата татковина и дека е за поздравување учеството на компанијата ЦАМЛ во голем број општествено одговорни проекти, важни за просперитетот на локалната заедница.

Истовремено, сите соговорници се согласија дека особено е важна грижата и заштитата на здравјето и безбедноста на вработените, како и заштитата на животната средина.

„Централ Азија Металс“ е компанија од рударската индустрија што котира на Лондонската берза. Во ноември 2017 компанијата го купи рудникот за олово и цинк „САСА“ во Македонска Каменица.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...