Премиера на „Сонот на Вилијам“ во Скопје

Претставата „Сонот на Вилијам“ е посветена на театарски критичар и театролог, Иван Ивановски, меѓу другото пишувал за деца.

192

Премиерната изведба на претставата „Сонот на Вилијам“ во режија на Кренаре Невзати-Кери, работена според делата на Вилијам Шекспир, ќе се одржи на 20јуни во 19 часот во Н.У. Театар за деца и младинци.

„Сонот на Вилијам“ е драмски производ во потрага по старо-новото фантастично пријателство на Шекспир со сите генерации и во секое време-невреме.

Потребата од комуникација меѓу Шекспир и децата е неминовност. Соочувањето со него, доаѓа порано или подоцна, но секако е неизбежно. Децата, несвесно, секојдневно се среќаваат со неговите современи живи „човечки реплики“ и животни ситуации, а нивната универзалност само ја потврдува надвременската мисла на Шекспир: „ а се биде или не, прашање е сега“; „Царство за коњ давам“; „Красното е гнасно, а гнасното красно“; Згасни, згасни кандилце“; „В манастир, в манастир бегај“; „О Ромео, о Ромео! Но зошто ти Ромео си?“; „Совеста нѐ прави сите кукавици“; „Бидете силни во делата, како што сте силни во мислите“…

Друг мотив за прилагодување на неговата единствена книжевна оставина на перцепцијата на децата, е фактот што последно такво претставување на Шекспир во Македонија е направено пред повеќе од 30 години.

Водечката идеја, spiritus movens за претставаСонот на Вилијам“: децата да „пораснат“ преку претставата, а возрасните, макар за миг, да се вратат во детството.

Комичните и трагичните моменти се менуваат токму како и во животот, како и во борбата меѓу доброто и злото. А, секоја од сцените во претставата „Сонот на Вилијам“ е компонирана како филмски кадар и следуваат една по друга како филмски секвенци, како минијатури, токму како во сон.

За претставата се користени препеви и преводи од Богомил Ѓузел, Драги Михајловски и Георги Сталев на делата „Сон на летната ноќ“, „Ромео и Јулија“, „Магбет“ и „Хамлет“.

Користењето музика од времето на Шекспир, како и друга класична музика е со цел децата да се запознаат и со прекрасните дела на големите композитори на класичната музика (P. Attaignant, J. Playford, W.A. Mozart, Purcell, G. Verdi, M. Mussorgsky).

Овој жанр, наречен – фантазија, апелира не само на мислите и чувствата, туку и на фантазијата, на имагинацијата, на неочекуваните пресврти.

Претставата „Сонот на Вилијам“ е посветена на театарски критичар и театролог, Иван Ивановски, меѓу другото пишувал за деца.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...