Премиера на претставата „Галеб“ од Чехов во МНТ

213

На големата сцена на во Македонски народен театар на 18 декември во 20 часот ќе се оддржи  премиерата на претставата „Галеб“ од А.П. Чехов во режија на Нина Николиќ.

Станува збор за трето поставување на текстот „Галеб“, напишан од еден од најголемите руски и светски драматичари, Антон Павлович Чехов (1860-1904), во 73-годишната историја на Македонски народен театар. Претходно „Галеб“ го поставиле режисерите Димитар Ќостаров, во 1960 година, и Бранко Ставрев во 1990 година.

– „Галеб“ е текст за храброста на младите генерации автори во борбата со оние кои заминуваат од културната сцена, а кои сѐ уште се борат да ги задржат своите позиции во уметничките/театарските кругови и во општеството. Станува збор за текст во кој е јасно нагласено дека човек мора до крај да се бори за она во што верува и за она кое природно му следува“, додавајќи дека од друга страна „драмата содржи приказна актуелна за сите нас, луѓето, кои копнееме за возвратена љубов, но и кои сме подготвени до крај да се бориме за невозвратената или неостварливата љубов во која веруваме. Драмата раскажува приказни кои се универзални и кои се движечка сила на човекот воопшто, бидејќи ништо не се променило од пред 120 години кога Чехов го напишал текстот – вели режисерката Нина Николиќ.

Во претставата играат актер(к)ите Звездана Ангеловска, Никола Ристановски, Дарја Ризова, Петре Арсовски, Емил Рубен, Благој Веселинов, Сашка Димитровска, Славиша Кајевски, Тина Трпкоска, Дамјан Цветановски и Аксел Мехмед.

Во поставувањето на претставата учествуваше меѓународна екипа на соработници, меѓу кои сценографот Вишња Вујовиќ од Србија, дизајнерот на светло Крис Јегер од Велика Британија и кореографот Димитрис Сотириу од Грција. Композитор на главната музичка тема во претставата е македонскиот виртуоз на гитарата Влатко Стефановски. Постојани соработници на повеќе претстави на Нина Николиќ се драматургот Драгана Лукан Николоски и костимографот Ивана Каранфиловска – Угуровска.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...