Театарот на Навигаторот Цветко ја најави премиерата на театарската претстава „Осамениот Запад“ од Мартин МекДона на 2 ноември 2018 во Кино Култура од 20 часот.
Репризно издание на претставата ќе има во сабота, 3 ноември, во 20 часот.
Режијата е на Јане Спасиќ. Играат: Оливер Митковски, Ненад Митевски, Драган Довлев, Матеа Јанковска. Сценографија: Енес Деари, костимографија: Бранкица Јордановска, превод на текстот: Горјан Милошевски и Јане Спасиќ. Дизајн на плакат: Немања Трајковиќ.
Преку црн ирски хумор „Осамениот запад“ раскажува приказна за двајца браќа кои под влијание на околностите имаат особен начин на гледање на реалноста и специфичен однос. Линејн е мало место кое морално ги корумпира своите жители, дури и Отецот/ Пасторот е немоќен да ги врати работите на „прав пат“. Единствената шанса е можеби во младата Грлин, но тоа останува да видиме.
Мартин МекДона, еден од најдобрите автори на Британската современа драма, на пошироката јавност познат и по своите филмови „In Bruges“, „Seven Psychopaths“ и „Three billboards outside Ebbing, Missouri“ за кој ја доби наградата за оригинално сценарио на Златен Глобус, а за истото беше номиниран за Оскар во 2018. Kариерата ја започнува како драмски автор и прави бум во Лондон со двете трилогии за земјата од која потекнува – Ирска. Четири негови драми меѓу кои и „Осамениот запад“ се номинирани за најпрестижната театарска награда „ТОНИ“. Тој е првиот драмски автор, по Шекспир, кому во Лондон истовремено му се изведуваат 5 драмски дела. „Осамениот запад“ е своевиден крај на неговата прва трилогија сместена во малото ирско гратче Линејн.
Оваа претстава е дел од проектот „Направете место за младите театарџии“ со кој Театарот на Навигатор Цветко и Кино Култура имаат цел да поттикнуваат нова театарска продукција и да афирмираат млади автори.
Проектот е поддржан од општина Центар и Министерството за култура на Македонија.