Премиера на „Орестија 1/4“ во МКЦ

59
Во Младинскиот културен центар вечер од 20 часот премиерно ќе биде изведена претставата „Орестија 1/4“ во режија на  Ивица Димитријевиќ, според авторски текстови и по „Орестија“ на Ајсхил.
Претставата е македонска верзија – дел од проектот „The Chorus Project“ поддржан од програмата на ЕУ „Креативна Европа“. Копродукција е на МКЦ-Скопје, Апстарт театар (Upstart Theater) од Лондон, Патос (Pathos) од Минхен и Театар Ам Ленд (Theater am Land) од Грац.

– Основната идеја на „The Chorus Project“ е реобмислување на улогата на хорот во античката трагедија „Орестија“ од Ајсхил, во однос на денешниот социополитички и културен контекст и тоа: што значи демократија во 21 век, што значи да се биде граѓанин, што значи Европа и „европската иднина”, како да се поврзат локалното и глобалното, што е индивидуалното наспроти колективното? Накратко, како да се претстави демократијата на сцена, соопшти МКЦ за проектот кој се одвива во две години и во неколку фази.

„Орестија“ е трилогија, но „The Chorus Project“ ќе се обиде да го обмисли и загубениот четврти дел, сатирската игра. Претставата „Орестија 1/ 4“ е, всушност, вториот дел од трилогијата ,,Надгробно жртвување”. Целиот проект треба да биде завршен во декември 2020 година. а премиерата на сите четири делови заедно е предвидена за фестивалот Млад отворен театар во 2020 година.

Драматург на претставата е Билјана Крајчевска, сценографијата, визуелното обликување и дизајнот на плакатот е на Кристина Божурска, а автор на музиката е Јане Трајковски.

Во актерската екипа се: Стефан Вујисиќ, Наталија Теодосиева, Жарко Јовановиќ, Драгана Лошкова и  Димитрија Доксевски. „Орестија 1/4“ утревечер ќе биде репризно изведена,

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...