Очекувања за раздвижување на македонската економија годинава имаат и домашните и меѓународните институции. Проекциите се меѓу 2,8 и 3,5 отсто, а главни двигатели на растот ќе бидат домашната побарувачка и извозот.
Најоптимистичка е проекцијата на Народната банка од 3,5 проценти.
– Се очекува постепено закрепнување на домашната економија по стагнацијата со која се соочивме во 2017 година, при оценет раст на БДП од 2,3 проценти во 2018 година и постепено натамошно забрзување на растот во натамошниот период и достигнување на одредени солидни стапки на раст во 2021 година од четири отсто- рече гувернерката на НБРМ Анита Ангеловска Бежоска при објавување на ноемвриската прогноза.
Според НБРМ се очекува домашната побарувачка да биде главниот двигател на растот. Во просек, смета НБРМ, на среден период се очекува дека извозната побарувачка и натаму ќе биде клучниот фактор на растот што е поврзано со активноста на странските извозни капацитети, очекуваниот влез на нови компании и натамошниот раст на странската ефективна побарувачка.
Предвидениот раст на економската активност според Владата која очекува тој да изнесува 3,2 проценти, се очекува да биде придружен со раст на вработеноста, поттикнат и преку активните мерки и програми за вработување, како и поддршката на домашните и странските претпријатија за отворање нови работни места.
– 2019 година сакаме да ја прогласиме за година на економијата, како што оваа година беше година на евроинтеграциите, вели премиерот Зоран Заев. Тој нагласува дека од крајот на јануари ќе бидат донесени сите неопходни одлуки за реформите во правосудството, во безбедноста, во медиумите и во јавната администрација, што ќе бидат во функција и на обезбедување раст на македонската економија и социјалната сигурност.
Премиерот Заев во изјави за медиумите оцени дека годинава ќе биде година на солидарноста, на праведноста во општеството, што ќе се одрази и на деловната заедница преку зголемување на потрошувачката на населението во Македонија.
– Планот за економски раст создава економија со здрави цврсти темели, а придобивките ги чувствуваат граѓаните, стопанството и целата наша земја и затоа продолжуваме со засилено темпо. Неколку пати реков дека 2019 година ќе биде пресвртница на економски политики. Фискалната политика на Владата на РМ следната година ќе обезбеди раст на македонската економија, социјална сигурност, а ќе го забрза и нашето пристапување кон НАТО и ЕУ. Создаваме буџет што во 2019 годоина ќе ја одржи макроекономската стабилност и фискалната консолидација. Парите на граѓаните кои преку даноци влегуваат во буџетот уште повеќе ќе се наменат за проекти за поддршка на граѓаните во сите категории. Остануваме на нашата определба за поддршката за домашните и странските инвестиции со повисок буџет од 37 проценти во однос на оваа година, потенцира премиерот.
Придвижување на економијата годинава министерот за финансии Драган Тевдовски очекува од приватните инвестиции заедно со забрзување на проектите од државата.
– Ако 2018 година беше година на крупни реформи и поставување на темелите за еден подобар економски систем, 2019 треба да биде година во која веќе посериозно треба да се почуствуваат ефектите од овие реформи. Очекуваме платите да продолжат да растат и догодина, да се отвораат нови работни места, да се интензивираат инвестициите и да продолжиме со агендата со евроатланските интеграции – потенцира министерот.
Неговата оценка е дека политичката стабилност, отворањето на евро-атлантските перспективи и враќањето на довербата кај инвеститорите ќе придонесат кон раст на приватните инвестиции. Дополнителен инпут кон инвестициите ќе има и забрзувањето на поголемите јавни инфраструктурни проекти.
– Следствено, ги проектиравме бруто-инвестициите во 2019 година повисоки за 4,2 отсто на реална основа. Очекуваме да продолжат позитивните движења кај надворешната трговија, со очекуван реален раст на извозот на стоки и услуги од 8,5 отсто, при реален раст на увозот од 6,8 отсто. Согласно ваквите очекувања за движењето на домашната побарувачка, како и предвидувањата за меѓународното економско окружување, реалниот економскиот раст во 2019 година ќе забрза на 3,2 отсто – истакнува Тевдовски.
Сузи Котева Стоименова