Во рамките на изложбата „Духовите на Африка“ утре во 12 часот во Музеј на Македонија ќе се одржи предавање „Африканскиот колонијализам и воајеризам: разликата како спектакл“ на проф. д-р Илина Јакимовска од Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет – УКИМ.
-Предавањето ќе се концентрира на начинот на кој визуелно биле претставувани африканските индивидуи на крајот на 19 и почетокот на 20 век. „Панаѓурското“ изложување на претставници на африканските народи пред љубопитните погледи на жителите на Европа и САД имала за цел да создаде контраст помеѓу наводното дивјаштво на првите, и „цивилизираноста“ на вторите.
Во рамки на предавањето акцент ќе биде ставен врз судбините на Конгоанецот Ота Бенга и Јужно-африканката Сара Бартман, како парадигматични за конструирањето стереотипи поврзани со расата и различноста, чие ехо одекнува и денес.