Превенција, па казна, новиот закон за инспекциски надзор на комисиска расправа

83
Photo: EPA-EFE/Georgi Licovski

Надминување на неконзистентноста и детектираните слабости во применувањето на сегашниот Закон за инспекциски надзор и воведување нов концепт преку планирање врз основа на процена на ризик и воедначено вршење на инспекцискиот надзор, со што ќе се постигне поголема транспарентност, предвидливост и правна сигурност за субјектите на надзор, има за цел донесувањето нов закон кој денеска во прво читање помина на седница на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.

Заменик министерот за информатичко општество и јавна администрација Александар Бајдевски, истакна дека новото решение треба да овозможи превентивен пред репресивен аспект на инспекцискиот надзор, преку воведување опомена како примарна инспекциска мерка и рок субјекот да ја отстрани неправилноста.

Со законот, според него, се зголемува сигурноста и предвидливоста за субјектите на надзор, со задолжителноста на листите на проценка и степенувањето на ризикот, се подобрува ефективноста на Инспекцискиот совет, како и координативните и контролни механизми за следење на работењето на инспекциските служби.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНE Ане Лашкоска истакна дека имаат повеќе забелешки на предложениот закон и најави оти ќе интервенираат со амандмани, но рече, какви ќе бидат тие ќе одлучат откако на јавна расправа ќе го чујат мислењето на засегнатите страни.

На седницата на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците во прво читање беа разгледани и измените на Законот за државни награди, со кои треба да се овозможи востановување нова државна награда за унапредување на човековите права која ќе го носи името на Мето Јовановски. Се предлага наградата да се врачува на 10 декември – Меѓународниот ден на човековите права.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...