Вмрежување меѓу угостителите, туристичките работници, туроператорите и домаќинствата што се занимаваат со рурален туризам за подобра комуникација, а со тоа и подобра туристичка понуда беше целта на првиот Туристички саем што денеска се одржа во Преспа.
Настанот го организираа здружението против дискриминација „Женска солидарност“, здружението на овоштари Благој А. Котларовски и општина Ресен.
Засегнатите страни, односно давателите на туристички услуги од Преспа, како што инмформира координаторката на проектот Весна Миркова од невладината „Женска солидарност“, учествуваа со промотивни материјали, а беше промовирана и традиционалната преспанска кујна.
– Преспа рсполага со многу можности, културни и природни убавини, но многу малку е искористено. Преку овој саем сакаме сите на некој начин да придонесеме за рзвој на туризмот. Не само да се жалиме дека нема туристи, туку да почнеме од некаде да ги промовираме убавините и да ги привлечеме гостите во Преспа. Тоа што го поседуваме да го искористиме – истакна Миркова.
Туристите, посочи, кои ќе дојдат на Преспанското Езеро ќе имаат можност преку флаери, што ќе бидат распоредени по угостителските објекти на крајбрежјето, да се информираат за сместувачките капацитети.
– Направивме флаери со кои туриситите ќе бидат информирани каде да се обратат за сместување. Со ова сакаме да им олесниме на гостите кога ќе дојдат на плажа во Преспа веднаш да најдат инфрмации каде може да се сместат и со колкав капацитет располага сместувачкиот објект – рече Миркова.
Во рамки на саемот беа доделени и награди на најдобрите шест фотографии од конкурост за фотографија со убавините од Преспа.