Првпат ова лето во главните туристички градови на албанското крајбрежје, заедно со домашните патролираат и италијански полицајци.
Тие, од вчера попладне се на припомош на албанските колеги за да се олесни контактот со италијанските туристи. Полицајците се во униформа, но нема да имаат право да интервенираат и ќе бидат невооружени.
Врз основа на договорот меѓу министертвата за внатрешни работи на Албанија и на Италија, шесттмина припадници на италијанската полиција патролираат заедно со нивните албански колеги во Валона, Саранда и Драч, каде бројот на италијански туристи е најголем.
Групите од по шест полицајци ќе се менуваат на 15 дена а остануваат во Албанија до 31 август.
– Во рамки на добрата соработка и мерките за зголемување на безбедноста за време на туристичката сезона, вакви договори имаме и со министерствата за внатрешни работи на Македонија, на Косово, на Хрватска и на Црна Гора. Сето тоа е во полза на туристите од споменатите земји за олеснување на комунукацијата, не само со албанските власти туку и дипломатските и конзуларни претставништва, изјави Арди Велиу, генерален директор на албанската полиција.
Македонски полицајци првпат лани патролираа на албанското крајбрежје и тие главно беа распоредени во подрачјето на градот Саранда, додека пак албански полицајци беа на охридското крајбрежје, во делот кај Струга.