Првомајски протести низ светот

Дел од демонстрантитево Париз кршеа излози на продавниците и фрлаа молотови коктели, а полицијата употреби солзавец и водени топови за растерување на толпата.

71

Меѓународниот ден на трудот – 1 мај денеска е одбележан ширум светот со протести и маршеви, а во Франција и Грција имаше и судири помеѓу полицијата и демонстрантите.

Стотици демонстранти протестираа во Париз, носејќи антикапиталистички знамиња (со срп и чекан и петокрака) и транспаренти на кои пишуваше „Да ја собориме Владата“, „Макрон ни даде омраза“ и слично. Дел од демонстрантите кршеа излози на продавниците и фрлаа молотови коктели, а полицијата употреби солзавец и водени топови за растерување на толпата.

Илјадници Грци со три одвоени протести го одбележаа 1 мај во центарот на Атина. Поради првомајските протести беше затворен центарот на главниот град на Грција. Пред Парламентот протестираа членовите на работничките синдикати, додека Комунистичката партија ПАМЕ организираше протестен марш до Амбасадата на САД.

Полицијата реагираше откако беше нападната со камења од членови на самонаречена анархистичка група.

На марштот во центарот на Москва се собраа околу 130.000 луѓе, а собирот на Црвениот плоштад беше организиран од претставниците на московскиот Сојуз на синдикати. Демонстрантите извикуваа традиционални пароло „Мир, работа, мај“, „За мир и стабилност“, „Вработете ги младите“ и „Грижете се за пензионерите“.

Меѓународниот ден на трудот беше одбележан и во повеќе од 70 градови во Шпанија. Најголемите демонстрации се одржаа во Мадрид, каде насобраниот народ извикуваше „Време е за победа“.

Во главниот град на Австрија, Виена околу 120.000 луѓе учествуваа во првомајската парада, носејќи транспаренти на кои пишуваше „Данок на викендици, не на студирањето“, „Не преземајте содржини од актуеланата Влада“ и слично.

Протестниот марш по повод 1 мај и против корупцијата и сиромаштијата во Бугарија беше во организација на Социјалистичката партија. Говорниците на протестот побараа оставка од Владата и предвремени избори, а учесниците носеа транспаренти на кои пишувапе „Повисоки плати – нормален живот“, „Мир, не војна“, „Квалитетното образование е право на секој Бугарин“.

Десетици илјади работици денеска маршираа ширум Германија барајќи поголеми права во светот на глобализацијата.

– Има се побогати и побогати луѓе од кога било. Од друга страна трудот и работните услови се влошуваат – изјави демонстрантот Ајмо Тегел.

Во Данска Меѓународниот ден на трудот е одбележан со традиционалното обраќање на синдикалните претставници и левичарските пратеници до работниците, кои беа на работните места.

Во Шведска и Норвешка говори одржаа и десничарите и левичарите по повод 1 мај.

Околу 10.000 работници се собраа пред претседателската палата во Џакарта барајќи од индонезиската Влада поголеми плати и да не се вработуваат партиски луѓе.

Во центарот на Сеул се собраа околу 10.000 синдикалци барајќи зголемување на минималната плата и доделување на статус на регуларно вработени на сите нерегуларно ангажирани работници.

На Филипини илјадници работници и активисти денеска маршираа во Манила во знак на протест поради неисполнетите предизборни ветувања на претседателот Родриго Дутерте да стави крај на краткорочните договори за вработување.

Во Србија Меѓународниот ден на трудот е одбележан со излети во природа, а Сојузот на самостојни синдикати на Србија и Обединети грански синдикати „Независност“ одржаа протест во центарот на Белград под мотото „Платите да се зголемат, а младите да останат“.

Во Хрватска 1 мај е одбележан со симболичен протест на Сојузот на самостојни синдикати на Хрватска и на Матицата на хрватски синдикати под мотото „За реформи, за луѓе“ и со барање за „праведни плати“ и подобри услови за работа, достоинствена старост, квалитетно образование, ефикасен јавен здравствен систем, ефикасна правда, како и промена на односот кон ЕУ.

Во Косово беше одржан мирен првомајски протест во организација на Обединетите синдикати на Косово. Во обраќањата беше потенцирано дека кај работниците се уште постои страв да ги побараат своите права, беше побарано зголемување на минималната плата, која е најниска во регионот и други мерки заради сигурност на работниците.

Босна и Херцеговина и Црна Гора се единствените две земји на поранешна Југославија во кои немаше симболични протести, туку само прослава.

Во Истанбул се уапсени повеќе десетици демонстранти кои се упатија кон плоштадот Таксим и покрај забрана за организирање на протести поради безбедносни причини.

Меѓународниот ден на трудот се одбележува во знак на сеќавање на 1 мај 1886 година кога во Чикаго повеќе десетици илјади работници излегоа на улица барајќи подобри услови за работа и доследна примена на осумчасовното работно време.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...