Откупот на праските во Росоманско, како регион кој е најголем производител на ова овошје, се одвива непречено. Повеќе камиони чекаа на откупните места да се откупи праска и да се замине на пазарите во Русија, Косово и Црна Гора. Цената е од 15 до 20 денари, во зависност од квалитетот. Претставници од МЗШВ, кои беа на лице место, соопштија дека првите камиони со праска без проблеми веќе стигнале на рускиот пазар.
-Квалитетната праска се движи од 15 до 20 денари. Ги известувам сите овоштари да почнат да берат и да ги носат на откупниот пункт. Ќе се откупат сите понудени количини, рече производителот Тони Јанев од селото Паликура.
Еден од откупувачите изјави дека е подготвен да го откупи целиот род, бидејќи имал потпишано договори за извоз во Русија, Косово и Црна Гора.
-Како откупувачи ни требаат праски. Род има годинава. Бидејќи вчера беше празник во Росоман, немаме и доволно стока за откуп. Во зависност од квалитетот на сите ќе им биде откупена праската. Се товараат камионите за Русија и Косово. Нашите купци не чекаат. Плаќањето на праските е веднаш. Секој ден ќе испраќаме по два-три шлепери, нагласи Беким Скендели.
Според Трајан Димкоски од МЗШВ, се надминуваат проблемите кои ги имаше на почеток.
– Можеме да кажеме дека 60 отсто од македонската праска оди на Рускиот пазар. Проблемите кои ги имавме се надминати. Се товари роба и оди за Русија. Првите камиони се стигнати и нема никакви проблеми. Многу трговици се плашеа дали ќе бидат вратени. ДИЗ е отворен за соработка. Постојано имаме инспектори на терен. Робата не смее да чека. Фитосанитарната лабораторија дежура и сабота и неделеа за примање и издавање на анализи за да бидеме експедивни, со цел производот да се извезе и да нема застој. Цената се движи во зависност од квалитетот – рече Димкоски.
Градоначалникот на Росоман, Бранко Јанев рече дека дел од однесувањата на производителите на праски биле исполитизирани, но сега откупот непречено се одвива.
– Минатите денови имаше различни реакции со пласманот. Некои беа реални, некои исполитизирани. МЗШВ и Владата работат на решавање на овој проблем. Денеска целата стока што се понуди е купена. Ги повикуваме сите што имаат праски да го понудат својот производ. Има трговци кои се заинтересирани за откуп – нагласи Јанев.
МЗШВ спроведуваше едукација како квалитетно да се справат со болеста монилинија, но интересот кај овоштарите за едукација беше мал, рече директорот на Ддржавниот инспекторат за земјоделство, Благој Индов. – Забраната што ја симна Руската федерација поради болеста монилинија услови секој камион да има анализа од Државната фитосанитарна лабораторија. Нашите инспектори излегоа на терен и земаа мостри. Сите мостри засега се негативни и праските се извезуваат на рускиот пазар. Во наредниот период со затоплување и со врнежи од дожд може да се појави болеста, но секоја праска што ќе биде позитивна нема да оди во Русија, бидејќи државата гарантира здрав производ, нагласи Индов и кажа дека секој магацин, но и камион има обврска пред откуп да изврши дезинфекција на складишниот простор.