Првиот македонски долгометражен филм за деца „Стела“ на пролет 2020 година

93

Првиот македонски семеен долгометражен филм за деца „Стела“, режисерот Стојан Вујичиќ и продуцентот Огнен Антов го најавуваат на пролет 2020 година во земјава. По двегодишни интензивни подготовки и завршено снимање во текот на летото и есента, продукциската куќа „Дрим Фектори“, заедно со режисерот Стојан Вујичиќ се задоволни од досега снименото за овој игран филм. Снимањето се одвивало на територијата на нашата држава во Скопје, потоа продолжило во живописниот Галичник, за да заврши во Штутгарт, Германија.

За прв пат во македонската кинематографија, еден од најбогатите германски локални филмски фондови даваат подршка на македонски филм. Филмот „Стела“ во режија на Стојан Вујичиќ ја доби една од највисоките оценки, беше препознаен како проект кој има голем потенцијал, ја негува кинамтографијата за деца и семејство, ги негува европските вредности и се стекна со финансиска подршка од „МФГ Баден-Виртемберг”.

Како што соопштија од продукциската куќа „Дрим Фектори“ целта на МФГ е да ја промовира филмската култура и индустрија, како и културните и креативните индустрии во југозападниот дел на Германија. Тој, се вели во соопштението, е јавен промотор на културата и економскиот развој и обезбедува насочени мерки за поддршка на индустријата. Покрај финансиските средства добиени од „Агенцијата за филм на Република Северна Македонија“, филмскиот Проект „Стела“ поддршка добил и од „Филмскиот центар на Србија“, а спонзор на филмот е „Витаминка“.

– „Стела“ е приказна за едно куче – шарпланинка, едно дете и еден дедо. Звучи идилчично, но не е. Откако детето Николa ќе проба да се самоубие заради континуриано малтретирање во училиштето, изгледа дека никој не ќе може да допре до него. Престанува со секаква вербална комуникација. Шарпланинката Стела е единствена која не бара ништо од него, не поставува прашања, не бара одговори. Доволно е неговото постоење и среќна е од неговата близина. Детето ќе почне да се поистоветува со неа, па неговиот глас може да се слушне единствено кога лае. Дедото, кој избегал од луѓето да живее сам на бачилото, неволно ќе го прифати Никола за во текот на оваа авантура да станат семејство бегајќи од своето вистинско семејство. Не знаејќи, со тоа ќе се доближат до она од што бегаат, но сега променети ќе можат да продолжат со животот или мирно да заминат од другата страна на вечноста – појаснуваат од „Дрим Фектори“.

Стојан Вујичиќ е еден од водечките македонски режисери, чиј опус вклучува бројни кратки играни и документарни филмови, и телевизиски проекти. Познат е по филмовите „Брат за еден ден“, „Допир“ и „Годините го чинат своето“, прикажувани и наградени на престижни филмски фестивали.

„Дрим Фектори“ е продукциска куќа основана од Огнен Антов во 2007 година. Во своето филмско портфолио вклучува дела на светски познати режисери, како и млади режисери чие време допрва доаѓа, а кои се прикажани на најголемите фестивали во светот. Од последните остварувања на „Дрим Фектори“ е играниот филм „Џган“ во режија на Вардан Тозија, добитник на повеќе награди и учесник на преку триесетина филмски фестивали ширум светот, потоа малцинските копродукции „Ловци на вештерки“ во режија на Рашко Миљковиќ и „Височините“ во режија на Виктор Божинов работен според романот на Милен Русков..

– За прв пат во земјава филмот „Стела“ се реализира како прва „еко“ или „зелена“ продукција. Водени од најновите светски еколошки стандарди продукцијата се труди да ја намали емисијата на штетни гасови, да го рециклира отпадот според стандарди од Американската асоцијација на филмски продуценти, се вели во соопштението.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...