Специјалниот претставник на претседателот на САД за дијалогот Белград-Приштина, Ричард Гренел, ја повика новата косовска Влада веднаш да ги укине таксите на српските производи, кои се причина за блокирање на преговорите, јави дописникот на МИА од Белград.
– Очекуваме таксите веднаш да бидат укинати- порача Гренел во соопштението.
Гренел, кој воедно е и американски амбасадор во Германија, истакна дека САД „јасно им ставиле до знаење на лидерите на партиите во Косово дека укинувањето на таксите е во најдобар интерес на Косово и на нејзината економија, како и желбата да се привлечат нови бизниси“.
Гренел пред две недели посредуваше во договорот за обнова на железничкиот и воздушниот сообраќај помеѓу Белград и Приштина.
– Ние правиме историски напредок. Наскоро ќе има нови вести, бидејќи двете страни сакаат да се оди напред. Овие чекори ќе придонесат за подобар живот на луѓето од регионот – нагласи Гренел.
Вчера, со мнозинство гласови, косовскиот Парламент ја изгласа заедничка влада на движењето Самоопределување и Демократската алијанса на Косово, предводена од Албин Курти.