На војник, кој бил повреден во експлозија во Авганистан, за првпат во светот му е направена комплетна трансплантација на пенис и скротум, без тестиси, официјално соопштиле од болницата Џонс Хопкинс, во американскиот град Балтимор.
Хируршкиот зафат бил изведуван 14 часа во операциона сала, а донатор бил починат човек.
Во соопштението од болницата било наведено дека во тимот, кој го оперирал војникот на 26 март, имало девет пластични хирурзи и двајца хирурзи уролози.
Повредениот американски војник, кој сакал да остане анонимен, заздравува од операцијата и се очекува оваа недела да биде пуштен од болница, пренесуваат светските медиуми.
– Кога се разбудив по операцијата, конечно се почувствував понормално со одредено ниво на самодоверба – изјавил војникот.
Лекарскиот тим извршил трансплантација на цел пенис, скротум (мадно кесе) без тестиси и дел од абдоминалниот ѕид.
Во медицината, операцијата изведена врз војникот стручно се нарекува васкуларизирана композитна алотрансплантација – што значи дека процесот вклучува трансплантација на кожа, коска, мускули, тетиви и крвни садови.
Во информацијата од светките медиуми се наведува дека кај пациентот ќе бидат воспоставени нормални уринарни, а постепено и сексуалните функции.
Но, бидејќи трансплантацијата не вклучувала пресадување на тестисите, кај пациентот нема да биде можна репродуктивната функција. Лекарите изјавиле дека тестисите не биле трансплантирани од етички причини, бидејќи би можеле да содржат сперма од покојникот.
Експертите од тимот што ја направил трансплантацијата очекуваат пациентот целосно да закрепне за шест до 12 месеци.
На симпозиум во 2014 година коспонзориран од Џонс Хопкинс насловен „Интимност по повредата”, слушнавме од брачните партнери, семејствата и од старателите на овие ранети војници за катастрофалното влијание на генитоуринарните повреди врз нивниот идентитет, самодоверба и интимните односи – посочил д-р Ли.
Лекарите изјавиле дека универзитетот одобрил 60 трансплантации на генитални органи, како дел од нивната програма.
Во САД првата трансплантација само на пенис била изведена во Општата болница Масачусетс во Бостон во 2016 година.
Во 2014 година, јужноафрикански хирурзи ја изведоа првата успешна трансплантација на пенис во свет.