Собранието денеска ја продолжува расправата по Дополнетиот предлог-буџет за 2020 година. Во фокусот на буџетот во 2020 се инвестиции во човечкиот капитал. Пред пратениците предлогот го образложи министерката за финансии Нина Ангеловска. За мнозинството буџетот за следната година е развоен, со средства насочени кон проекти од програмата и интересите на граѓаните. За опозицијата социјален, популистички и предизборен.
Приходите во Предлог-буџетот за 2020 година се проектирани на три милијарди и 615 милиони евра, а расходите три милијарди 898 милиони евра. Буџетскиот дефицит за 2020 година е предвиден на ниво од 2,3 отсто од БДП, што е пониско од нивото во 2019 година кога изнесуваше 2,5 проценти, согласно со Фискалната стратегија 2020-2022, како и препораките на меѓународните организации. Дефицитот е намален и во апсолутно ниво за 160 милиони денари, и изнесува 17 милијарди 385 милиони денари.
Капиталните инвестиции во буџетот се проектирани на ниво од 23 милијарди денари, а 56 отсто од вкупните буџетски расходи ќе одат во области врз кои се потпира човечкиот капитал.
Проекциите во буџетот се правени врз основа на предвиден раст за следната година од 3,8 отсто од БДП, кој се базира на растот на приватната потрошувачка, извозот и јавните и приватните инвестиции.
Расправата по буџетот согласно деловникот треба да трае најмногу пет работни дена.