Собранието попладнево едногласно го донесе Дополнетиот предлог на закон за урбанистичко планирање по осуммесечна дебата и активно вклучување на сите пратенички групи и експертската јавност.
За пратениците, овој закон е пример како во иднина треба да се носат суштинските закони низ јавни дебати, почитување на експертското мислење и прифаќање на забелешките од сите засегнати страни.
Претседателката на Комисијата за транспорт, врски и екологија Лилјана Затуровска од ВМРО-ДПМНЕ изрази задоволство од кооперативноста на министерот за транспорт и од активната вклученост на пратениците во изготвувањето на ова законско решение.
– Верувам дека како Комисија, иако на крајот на овој пратенички мандат, дадовме пракса за идните пратеници како треба да се носат суштинските закони – рече Затуровска.
За пратеничката Лилјана Поповска од ДОМ, добро е тоа што се носи закон со кој ќе се изгради систем на урбанистичко планирање со кој ќе се штити пред се интересот на граѓаните.
Министерот за транспорт Горан Сугарески смета дека се работи за одличен закон со кој ќе се стави ред во урбанистичкото планирање, а неговото донесување апелираше да стане пример како во иднина треба да се носат суштинските закони.
– За вакви суштински закони мора да се седне и да се разговара. Задоволство му е што законот ќе биде донесен едногласно. Се надевам дека на ист начин ќе биде донесен и законот за градење – рече Сугарески.
Законот влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник“, а ќе отпочне да се применува во рок од 120 дена од денот на влегувањето во сила.
Покрај овој закон денеска пратениците донесоа уште неколку закони, а продолжението на седницата е закажано за утре во 12 часот.