Пратениците дозволија заменик директор во Агенцијата за развој на земјоделство

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ оценија дека Владата преку пратениците ги предлага непопуларните одлуки и оти вработувањето заменик директор во Агенцијата повлекува зголемени трошоци.

219

Пратениците го донесоа и Законот за изменување и дополнување на Законот за основање на Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството, со кој се овозможува директорот на Агенцијата да има заменик.

„Целта е да се овозможи директорот на Агенцијата да има заменик и ќе се овозможи да го заменува директорот на Агенцијата во случај кога тој е отсутен или кога поради болест и други причини не е во можност да ја врши својата функција“, стои во образложението на законските измени, изгласани по скратена постапка, на предлог на пратениците од СДСМ и ДУИ.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ оценија дека Владата преку пратениците ги предлага непопуларните одлуки и оти вработувањето заменик директор во Агенцијата повлекува зголемени трошоци. Наспроти нив, пратенците од парламентарното мнозинство сметаат дека треба да се зајакнат капацитетите на Агенцијата за правилна распределба на финансиите за поддршка на земјоделците.

– Ова е непопуларна одлука на товар на земјоделците и сите граѓани. Новиот заменик директор ќе зема минимум 50 илјади денари што е спротивно на ветувањата на новата Влада – рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Димитар Стевананџија.

Според Татјана Прентовиќ од СДСМ, агенцијата е исклучително важна институција што треба да се зајакне и кадровски и технички за да дава совети на земјоделците со што финансиската поддршка за нив ќе се искористи на правилен начин.

– Бројот на вработените во Агенцијата веќе 21 година е намален, има осумдесет советници, а 44 дисперзирани подружници. Не само што се намалени човечките капацитети, туку и техничкиот потенцијал. Сметаме дека треба да се зајакнат капацитетите на Агенцијата и на менаџерскиот кадар и да дава советодавни услуги на земјоделците. Недозволиво е по 30 години приносите да бидат помали од претходниот период – рече Прентовиќ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...