Пратеник од партијата Река ќе гласа за доверба на грчката Влада

99

Пратеникот од партијата Река, Спирос Данелис ќе гласа за доверба на грчката влада, наспроти партиската линија, а со синоќешната негова одлука се чини дека се комплетира „пазлот“ и веројатно е дека веќе се собрани неопходните151 глас за изласување доверба, јави дописничката на МИА од Атина.

Данелис вчера имаше средба со лидерот на партијата, Ставрос Теодоракис, кој според грчките медиуми, му дал ултиматум на пратеникот да му ја соопшти одлуката.

Река нема да гласа за доверба на Владата, додека пак за ратификацијата на Договорот од Преспа, секој пратеник ќе гласа според своето лично убедување.

Не е исклучена можноста, според медиумите во Грција, Данелис да биде исклучен од пратеничката група на Река.

Учеството на Данелис на конференцијата посветена на Договорот од Преспа во неделата вечерта, на која што  се обрати и грчкиот премиер, многумина ја коментираа како чекор кон поддршка за Владата.

Освен Данелис, позитивно за доверба на владата ќе гласаат и четворица пратеници од Независни Грци, министерката за туризам Елена Кундура, заменикот министер за земјоделие, Василис Кокалис и пратениците Танасис Папахристопулос и Костас Зурарис, како и независната пратеничка и алтернативна министерка за цивилна заштита, Катерина Папакоста. Овие шест пратеници, заедно со 145-те на СИРИЗА би требло да бидат доволни за Владата на Ципрас, на гласањето утревечер да добие доверба од Парламентот.

ФОТО: Архива / Википедија

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...