Пратеникот од опозициската Нова демократија, Јанис Андониадис, побара остар одговор од Атина и од грчкото Министерство за надворешни работи до Турција, па дури и потопување на турски бродови, во случај на експлотација на нафта во грчката економска зона во Егејското море.
Андониадис ваквото барање го изнесе во пратеничко прашање упатено до шефот на грчката дипломатија, кое подоцна, по интервенција на неговиот сопартиец Константинос Циарас, беше повлечено.
Пратеникот Андониадис, во пратеничкото прашање вели дека Анкара се подготвува за истражување и експлотација на нафта во грчката економска зона и бара Атина да и одговори на Турција.
– Испратете јасна порака до Турција дека ако продолжи со експлотација на нафта во грчката економска зона веднаш ќе бидат потопени бродовите „Фатих Втори“ и „Барбарос“. Немате право да отстапите ниту милиметар од суверените права на земјата. Очигледно не сфаќате дека секој грчки политичар што ќе го стори тоа, ќе одговара пред правдата, пред историјата и пред грчкиот народ, пишува Андониадис во пратеничкото прашање што го објавуваат грчките медиуми и прашува што министерот за надворешни работи на Грција ќе направи доколку турски брод започне експлотација на нафта во грчката или кипарската економска зона.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, дел од грчките медиуми, овој став и ова барање на пратеникот од Нова демократија го толкуваа како повик за војна, додавајќи дека по реакција и интервенција на секретарот на пратеничката група на Нова демократија, Андониадис го повлекол пратеничкото прашање.