Не е неопходно да бидете сомелиер или да посетувате скап ресторан за да уживате во правилно послужена чаша вино. Дозволете си вистинско винско искуство во вашиот дом. Вештината на отворање на винското шише, послужувањето и на крај чувањето на виното нека бидат ваш мал ритуал и време за уживање.
Правилното отворање на винското шише започнете го со засекување на фолијата во горниот дел од шишето и отстранување на доволен дел од неа. Позиционирајте го винскиот отворач на средина на плутениот затворач и завртете го во правец на стрелките на часовникот, внимателно, до претпоследната спирала, да не го пробиете долниот дел од плутата, за да спречите паѓање на делови од неа во самото шише. Завршете со извлекување на плутата од грлото на шишето.
Изборот на вистинска чаша за послужување различни вина ќе го потенцира уникатниот мирис, карактер и вкус на виното за најдобро винско искуство. За сервирање бело вино, изберете чаши со облик на лале, помал волумен и подолг држач (столче) за да избегнете затоплување на виното со вашата телесна температура. Црвеното вино послужете го во чаша со заоблен, поширок сад, кој ќе овозможи поголема изложеност на кислород, што суптилно ќе ги заокружи сложениот вкус и арома. Доколку послужувате десертно вино, најдобро е тоа да биде во помали чаши, заради поголемиот процент на алкохол и со помал отвор, кој ќе помогне во зачувување на аромите. За послужување пенливо вино, ваш избор нека бидат високите и тесни чаши кои овозможуваат меурчињата да се развијат и виното да остане со автентичен вкус.
Кога станува збор за температурата, деликатните цветни ароми во фините вина не доаѓаат до израз на премногу ниски температури, а недоволно разладеното вино предизвикува прекумерно испарување на алкохолот и оменување на аромите и вкусот на виното. Вообичаено, повеќе разладени се служат белото, розе и пенливите вина, на различна температура, зависно од нивните индивидуални карактеристики. Црвеното вино се служи на собна температура која одговарала на средновековието (16-18 C⁰) или благо разладено (14-16 C⁰) кај поароматичните вина.
За поинтензивно ослободување на винските овошни и цветни ароми и дополнително рафинирање на вкусот на младото виното, одберете декантирањe. Со преточување на виното од оригиналното шише во специјален сад наречен декантер ја зголемувате изложеноста на кислород на виното, при што се ослободувааат редуктивните ноти кај младото вино кое сеуште е бурно и доаѓаат до израз сортните ароми. Додека кај постарите вина, со декантирањето полесно ќе го одвоите настанатиот вински талог, при што треба да имате предвид дека овие вина се декантираат многу пократко од младите вина за кои е својствено и до неколку часа да се изложат на контакт со кислородот.
За да не дојде до промени на неговите карактеристики, неопходно е правилно да го чувате виното. Тоа значи да се чува на константна температура, избегнувајќи екстремни промени во условите на чување. Вината со плутен затворач поставете ги хоризонтално, со што ќе обезбедите постојано да бидат во допир со плутата и да ја одржуваат влажна. На овој начин ќе превенирате продирање на воздух во шишето, што може да го направи виното застојано и старо. Вината чијшто затворач е со навртка може да ги одложите и чувате и вертикално поставени.
Ви откривме само мал дел од обемниот свет на виното. Повеќе може да дознаете преку обуките на Wine Educator. Основана од ВВ „Тиквеш“, оваа специјална школа нуди широк спектар на обуки за вино и жестоки пијалаци. Wine Educator поседува акредитација за организирање обуки на престижната Лондонска школа – Wine & Spirits Education Trust (WSET), што овозможува сите оние кои успешно ќе ја завршат обуката да се стекнат со меѓународно признаена диплома. Овие едукативни програми се одржуваат во повеќе од 75 земји во светот, а обуките ги изведуваат реномирани експерти според највисоките стандарди на едукација во оваа област.