Британскиот Парламент во четвртокот, откако Лондон и Европска Унија постигнаа нов договор за брегзит, одлучи денеска да одржи седница, на која пратениците ќе треба да се изјаснат за ревидираниот договор.
Последен пат британскиот Парламент имаше седница во сабота во 1982 година, за време на Фокландската војна на Велика Британија против Аргентина.
Новиот договор за брегзит беше едногласно одобрен од лидерите на ЕУ на 17 октомври. Иако британскиот премиер Борис Џонсон новиот договор го оцени како „одличен“, се очекува тој да има потешкотии при гласањето на договорот во Парламентот бидејќи против се северноирската Демократска унионистичка партија, која ја поддржува малцинската Влада, како и опозициските партии Лабуристички партија, Либералните демократи, Брегзит партијата и Шкотската национална партија.
Претходниот договор за брегзит, што беше договорен од поранешната британска премиерка Тереза Меј во декември 2018 година, Парламентот трипати го отфрли. Ако новиот договор за брегзит не биде изгласан од пратениците, Џонсон ќе мора да бара ново одлагање на излегувањето на Велика Британија од ЕУ.
Претседателот на Европска комисија Жан-Клод Јункер по постигнувањето договор за брегзит ја исклучи можноста од какво било пролонгирање.
Ако договорот за брегзит биде ратификуван во британскиот Парламент, тогаш ќе стапи во сила на 1 ноември.
Во новиот договор за брегзит ја нема одредбата позната како „бекстоп“, која предвидуваше останување на Северна Ирска во рамките на трговските и царинските регулативи на ЕУ, со што граничните проверки ќе беа непотребни.
Според ревидираниот договор Северна Ирска останува на единствениот пазар и се елиминираат царинските проверки на ирската страна на границата, со што границата останува отворена. Наместо тоа, царинските проверки и царините ќе се однесуваат на британските производи, што влегуваат во Северна Ирска, со ЕУ како крајна дестинација.
Тоа практично значи дека артиклите ќе се царинат во Ирското Море, предлог кој британската Влада го отфрлаше речиси од самиот почеток.
И ЕУ се согласи на компромис, дозволувајќи и на Северна Ирска специјален пристап до единствениот пазар. Исто така, Северна Ирска со договорот добива право на глас за регулативите, што не беше случај во минатогодишниот договор. После четири години имплементација, Парламентот на Северна Ирска би гласал за продолжување или прекинување на аранжманот.
Освен одредбите за ирската граница, новиот договор во најголем дел е ист како оној што го постигна Меј и ги наведува условите за излез на Велика Британија од Унијата.
Доколку договорот биде усвоен, Велика Британија ќе ја напушти ЕУ на 31 октомври, но ќе остане во единствениот пазар и обврзана со неговите прописи до крајот на 2020 година, сè додека двете страни не договорат нови трговски односи.
Исто така, Лондон би се согласил до крајот на буџетскиот период што завршува во 2020 година да плаќа придонеси за пензиите за вработените во администрацијата на ЕУ и за програмите на ЕУ во кои учествуваше Велика Британија. Овие придонеси претходно беа проценети на околу 39 милијарди фунти.
Во доменот на трговијата, двете страни во необврзувачка политичка декларација ветија „амбициозно, широко, длабоко и флексибилно партнерство во трговијата и економската соработка, што ќе се фокусира на сеопфатен и балансиран договор за слободна трговија“.
Деталите за тој трговски договор, како и многу други аспекти на идните односи, ќе бидат договарани по излегувањето на Велика Британија од ЕУ.
Што се однесува до правата на граѓаните, европските граѓани кои сега живеат во Велика Британија, како и Британците кои веќе живеат или работат во земјите на ЕУ, нема да го загубат правото на престој и работа.
Според ревидираниот договор за брегзит, европските граѓани повеќе нема да можат слободно да одат да живеат и да работат во Велика Британија, ниту Британците во ЕУ, но за куси посети ќе се задржи безвизниот режим.