По 20 години непријателство поради отцепување Етиопија и Еритреја отвараат нова ера

Еритреја беше дел од Етиопија до 1993 година, кога објави независност по референдумот.

142

Етиопија и Еритреја се на прагот на нова ера во односите по годините непријателство откако вчера лидерите на соседните држави се сретнаа очи во очи за првпат по речиси 20 години. Еритреја беше дел од Етиопија до 1993 година, кога објави независност по референдумот.

Премиерот на Етиопија Абиј Ахмед пристигна во еритрејската престолнина Асмара со авион „Етиопијан ерлајнс“ – прв лет на авиокомпанијата до градот по 20 години.

Авиокомпанијата соопшти дека планира да продолжи со редовните летови помеѓу двете земји. Денеска, се воспоставени и телефонски врски меѓу соседните источноафрикански земји.

Премиерот беше свечено дочекан со црвен тепих и со прегратка од еритрејскиот претседател Исајас Афеверки. Историската посета е прва по пограничната војна меѓу двете земји, во која загинаа илјадници луѓе од 1998 до 2000 година.

Дипломатското разведрување започна во јуни кога Етиопија, под раководство на новиот премиер реформатор Абиј Ахмед, објави дека целосно ќе ги прифати условите од Мировниот договор од 2000 година. Договорот стави крај на пограничната војна, но односите останаа затегнати, бидејќи Еритреја одбиваше да ја предаде контролата над клучните гранични позиции.

Телевизиите ги покажаа двајцата лидери прегрнати и насмеани за време на церемонијата по средбата. Подоцна двајцата лидери поминаа низ парадата во градот, а присутните, облечени во маици со нивните ликови, ги поздравуваа. Улиците на Асмара беа украсени со етиопски и еритрејски знамиња. Церемонијата беше емитувана во живо на телевизија од двете страни.

ФОТО: Твитер

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...