Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески очекува изградбата на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка да заврши во предвидениот рок согласно договорот.
Патот почна да се гради во јуни годинава и согласно договорот треба да заврши во рок од три години.
– Градежните работи се во тек. Очекувам во наредниот период да се зголеми динамиката на работа и овој експресен пат да биде завршен во рамките на договорот- изјави Сугарески, кој денеска заедно со градоначалникот на Ранковце, Ивица Тошевски извршија увид во градежните активности.
Според Сугарески, со овој експресен пат ќе се овозможи брза врска на Пан-европскиот коридор 8, а со тоа ќе се отворат и можности за подобрување на економските врски со Европската унија.
– Покрај регионално поврзување, со комплетирање на Коридор 8 и создавање на модерна патна мрежа ќе придонесеме за брз и безбеден транспорт на стоки и услуги и ќе им овозможиме на домашните компании полесно да се пробијат на нови пазари. Во таа насока го потпишавме и договорот со ЕБОР за реконструкција и проширување на патот од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир, со што создаваме комплетно нова патна делница на овој Коридор од значење не само за нашата земја, туку и за целиот регион – рече Сугарески.
Експресниот пат Ранковце–Крива Паланка е со вкупна должина од 25 километри, а инвестицијата чини 58,5 милиони евра.