По скандалот со кражбата на оружјето од албанската поморска база „Пашалиман“, ограбен и магацинот на Центарот за снабдување со технички материјал на Министерството за внатрешни работи на Албанија.
Во овој магацин, каде покрај друг материјал се чува и оружје, кое се користи од припадниците на полицијата, констатиран е недостиг на пиштоли од најнов модел, како и друга опрема.
Исчезнувањето на оружје било забележан по реконстркцијата на објектот, кога при средувањето на материјалите било утврдено дека две торби во кои се наоѓало оружјето биле празни, што било причина да се направи попис, по кој е костатирано дека недостига и друг материјал.
За случајот била спроведена истрага, а деновиве досието е доставено до Обвинителството во Тирана.
За кражбата се осомничени се сите лица кои имале пристап до магацинот, како и оние кои биле задолжени за негово одржување.
При грабежот во воената база „Пашалман“, што се случи ноќта меѓу 10 и 11 јануари годинава, беше украдено поголемо количество оружје, муниција и бомби.
По спроведената истрага, албанската министерка за одбрана Олта Џачка, на предлог на Генералштабот на Армијата, разреши 15 командни офицери и лица одговорни за безбедносните и заштитни мерки во Воената морнарица и базата „Пашалиман“.
Таа достави и предлог до претседателот на државата Илир мета за разрешување на командантот на Воена морнарица, бригадниот генерал Илбер Доѓани.