Шестото издание на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ ќе биде отворен вечерва во Скопје.
Петмина актуелни писатели од исто толку земји од Балканот ќе и бидат претставени на публика.
Добитникот на наградата за авторски придонес во балканската литература „Прозарт“, српската легенда Светислав Басара нема да биде во нивно друштво. Од здравствени причини тој не можеше да допатува во Скопје.
За делата на Басара, Роберт Перишиќ од Хрватска, Фросина Пармаковска од Македонија, Лејла Каламујиќ од Босна и Херцеговина, Афер Тунч од Турција и Јуриј Худолин од Словенија ќе говорат македонските писатели Александар Прокопиев, Ермис Лафазановски и Владимир Јанковски.
Фестивалот ќе го отвори директорот Дејан Трајкоски, а модератор ќе биде Ана Јовковска.
Гости на отворањето ќе бидат и тројцата членови на „Скопје фелоушип“ програмата – Џон О’Брајан, основачот на „Далки архив прес“ од САД, Јанике Ритер, уредничка на „Зуркамп“ од Германија и Назлиџан Кабаташ од „Калем“ од Турција.
На вториот фестивалски ден утре во ЕУ Инфо-центарот ќе се одржи тркалезна маса „Балканските класици во европската литература: (не)визибилност во 21 век“.
Ќе учествуваат гостите писатели и членовите на „Скопје фелоушип“ програмата.
Веќе традиционално, фестивалот организира средба на гостите автори со своите читатели во книжарницата „Икона“ во Скопје сити мол, закажана за 28 мај.
Тројцата врвни издавачи од „Скопје фелоушип“ ќе се сретнат и со македонски писатели и издавачи и ќе имаат можност да воспостават идни соработки.
Фестивалот ќе биде затворен на 29 мај во Даут-пашиниот амам во кога писателите ќе читаат извадоци од своите дела.
„ПРО-ЗА Балкан“ и оваа година е во организација на издавачката куќа „Икона“.
Фестивалот е поддржан е од Министерството за култура со 200.000 денари, од ТРАДУКИ, Делегацијата на ЕУ, амбасадите на Словенија и на Хрватска и од Словенечката агенција за книга.