Дијалогот меѓу бизнис заедниците од земјава и од Грција за трговските ознаки согласно предвиденото со Договорот од Преспа почнува на 15 мај во Атина.
Генералниот секретар на Министерството за надворешни работи на Грција, Јоанис Брахос од 44-то Годишно собрание на Здружението на грчки извозници што вчера се одржа во Солун, според грчката новинска агенција АНА-МПА, рекол дека „двете страни сакаат да ја изразат нивната политичка волја за да се решат било кои проблеми поврзани со имињата“ и објаснил дека дијалогот не се води меѓу двете држави, туку меѓу бизнис заедниците.
– Двете држави, се обидуваат со добри услуги, на позитивен начин да го зајакнат овој бизнис дијалог и да ги охрабрат експертските групи за изнаоѓање на било кои неопходни решенија, онаму каде што постојат проблеми – рекол Брахос.
Дијалогот на експертските групи ќе го следат генералните секретари на Министерствата за надворешни работи на двете земји, Јоанис Брахос и Виктор Димовски, но само во делот поврзан со почитувањето на Договорот од Преспа.
– Ќе учествуваме, следејќи го почитувањето на Договорот од Преспа, а не за да интервенираме во процесот – рекол Брахос од Солун, пренесе АНА-МПА.
На првата средба на претставниците на бизнис заедниците од двете земји, од грчка страна, според грчката државна новинска агенција, ќе учествуваат Централната унија на комори, Федерацијата на индустрии на Грција и Здружението на грчки извозници.
„Резултатите на овој дијалог ќе бидат доставени до експертската група, исто така предвидена со Договорот од Преспа, која технички и правно ќе помогне во работата“, пишува грчката новинска агенција.