Министерот за економија Крешник Бектеши присуствуваше на свеченото отварање на првиот ретаил парк во Македонија – Поинт ретаил парк. Вкупната инвестиција на компанијата Али Тобако во овој шопинг центар кој што се наоѓа во општината Бутел изнесува девет милиони евра, а ќе бидат отворени 200 нови работни места. Министерот Бектеши истакна дека оваа инвестиција е уште еден доказ за одличните услови и еднаквиот третман кои ги добија домашните инвеститори во земјава со Законот за поддршка на инвестициите, што беше едно од основните барања на бизнис заедницата во изминатиот период.
-Отварањето на ваков Ретаил парк ја зголемува атрактивноста на земјата како туристичка и, во случајов, шопинг дестинација, отворајќи можност за зголемување на бројот на туристи, пред сѐ од соседните земји во градот Скопје, кој со скоро 340 илјади домашни и странски туристи минатата година беше најпосетуваната туристичка дестинација во земјата. Од друга страна концептот кој што го нуди овој прв Поинт Ретаил парк кај нас, кој што е развиен во целиот свет, и големиот број на содржини кои ги задоволуваат потребите и вкусовите на различни генерации на граѓани, верувам дека ќе придонесе овој комплекс да се претвори во посакувано место за целото семејство и популарно врталиште во кое ќе можете да ги споите извршувањето на обврските и релаксацијата, а за најмладите и забавата. Оваа инвестиција од девет милиони евра во општината Бутел, на стратешка локација која ги поврзува населбите Центар, Карпош, Бутел и Чаир, каде според најавите на сопственикот ќе бидат отворени над 200 нови работни места, ќе придонесе за локален, регионален,но и развој на националната економија – истакна министерот Бектеши на свеченото отварање на Поинт ретаил парк.
Според сопственикот Али Ќаили, ова е инвестиција која ќе влијае позитивно на градот Скопје и државата генерално, позиционирајќи ја Македонија како лидер во регионот.
– Многу сме среќни и горди што денеска го отвораме првиот ретаил парк кај нас, кој со својот принцип на работа ќе постави темели на еден поинаков модерен и европски концепт, кој во иднина може да претставува пример и што направивме инвестиција на која сите ќе бидат горди. Поинт ретаил парк е инвестиција која ќе ги отвори вратите за околу 200 лица и која вреди околу девет милиони евра. Сакам на нагласам и дека овде во Поинт ќе можете да видите познати и реномирани домашни и странски брендови и воедно ќе искористам и да им се заблагодарам на сите закупци кои го препознаа нашиот план и ја препознаа нашата инвестиција – изјави Али Ќаили, сопственик на Поинт ретаил парк.
Според градоначалникот на Општина Бутел, Велимир Смилевски, оваа инвестиција ќе ја позиционира Општинaта на едно повисоко ниво.