Повисоки стапки на економски раст, подобар животен стандард на населението, владеење на правото, повисоко ниво на социјална правда и зачленување во ЕУ и НАТО се клучните цели на Предлог-буџетот за 2019 година.
Ова го истакна министерот за финансии Драган Тевдовски образложувајќи го дополнетиот предлог буџет пред пратениците во Собранието, кој наведе дека Предлог-буџетот на Република Македонија за 2019 година е најдобра потврда дека Владата продолжува посветено да работи на постигнувањето на клучните цели и приоритети на општеството.
Вкупните приходи на буџетот за 2019 година се планирани на ниво од 210,8 милијарди денари, а расходите се планирани на 228,5 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е 17,7 милијарди денари, односно 2,5 отсто од БДП, што е намалување во однос на годинава за половина милијарда денари, или за 0,2 процентни поени како процент од БДП.
Тевдовски рече дека намалувањето на дефицитот најдобро ја одразува определбата на Владата за постепена фискална консолидација, која ќе се постигне преку строга контрола и силна буџетска дисциплина при намалување на помалку продуктивните расходи.
– Ние сме цврсто уверени дека овој пристап во крајна линија ќе обезбеди подобрување на економските перформанси и животниот стандард. Истовремено, намалувањето на буџетскиот дефицит претставува најдобра потврда за домаќинско и одговорно работење, а не расипништво со народните пари како што беше пракса во минатото – рече Тевдовски.
Тој додаде дека за капиталните инвестиции се издвоени значителен износ на пари.
– Капиталните инвестиции се утврдени на ниво од околу 26 милијарди денари, обезбедени од изворни буџетски средства, ИПА фондови и поволни кредити. За патната и железничка инфраструктура се предвидени 5,2 милијарди денари, за енергетската и комунална инфраструктура како и управувањето со отпад, 5,5 милијарди денари, 1,3 милијарди за капитални инвестиции во здравството, 2,28 милијарди денари во образованието, детската заштита и спортот, а зголемен обем на инвестиции од 3,3 милијарди денари за за рурален развој, изградба на хидросистеми и инвестиции за подобрување на конкурентноста и модернизација на земјоделските стопанства и во областа на правосудството планирани се средства во износ од 529 милиони денари – рече Тевдовски.
Министерот соопшти дека покрај покривање на дефицитот, следната година ќе бидат потребни и 16,5 милијарди денари за отплати на стари долгови, со што вкупните потреби за финансирање во 2019 година изнесуваат 34,2 милијарди денари. Овие средства, рече, ќе се обезбедат преку комбинација на задолжување во странство и на домашниот пазар на државни хартии од вредност.
По обраќањето на министерот за финансии, претседателот на Собранието Талат Џафери даде пауза за пратениците да го разгледаат експозето.
Расправата по дополнетиот Предлог буџет согласно собранискиот Деловник трае пет дена.