Над 300 извозни декларации без ниеден регистриран технички проблем се процесуирани во првите 12 часа од примената на новиот Систем за обработка на царински декларации и акцизни документи (СОЦДАД), информираат од Царинската управа.
„Успешниот старт на Системот за обработка на царински декларации и акцизни документи и неговата понатамошна примена значително ќе придонесе за поефикасно спроведување на формалностите, во споредба со досегашниот систем базиран на употреба на хартија, унапредувањето на економскиот амбиент во државата и дополнителна придобивка во забрзувањето и олеснувањето на размената на стоки со најзачајните економски партнери на Република Северна Македонија“, порачуваат од Царинската управа.
Почетокот на примената на СОЦДАД, додаваат од таму, е најголемиот чекор кон реализацијата на модернизација и дигитализација на царинското работење, со што се потврдува определбата на Царинската управа да биде лидер во регионот и во процесот на пристапување кон Европската Унија.