Почна да се гради земјоделско-сточарски комплекс „Голд ленд“

Ќе има годишно производство на 1.080 грла во првата фаза, со што ќе се намали увозот на говедско месо, ќе се развива сточарството и ќе се намалува невработеноста.

717

Во близина на прилепското село Славеј денеска е поставен камен-темелник на земјоделско-сточарски комплекс „Голд ленд“, наменет за примарна обработка на земјоделски производи и за најсовремена фарма на говеда со годишен капацитет од преку 1.000 грла.

Станува збор за македонско-германската инвестиција во која еден од партнерите е компанијата „Везе шари“. Инвестицијата изнесува 4,5 милиона евра, од кои 1,5 милиона евра од ИПАРД 2 програмата. Комплексот треба да биде готов до крајот на наредната година.

Еден од двајцата сопственици, Арбен Абдурахмани вели дека ова е мал придонес да се донесе Европа во земјава.

– Освен производството на примарни земјоделски производи, зрнеста храна и силажа, со проектираниот модел предвидена е изградба на Центар за откуп и за складирање зрнести култури, кој ќе прерасне во регионален и ќе се овозможи загарантиран пласман на производите на земјоделците кој ќе биде ставен во функција за пет месеци, а до крајот на 2020 година ќе се заокружи целиот комплекс „Голд ленд“ – рече Абдурахмани.

Тој додаде дека во рамки на проект ќе биде изградена најсовремена фарма која ќе  ги задоволува највисоките европски стандарди за одгледување и гоење на говеда.

– Ќе има годишно производство на 1.080 грла во првата фаза, со што ќе се намали увозот на говедско месо, ќе се развива сточарството и ќе се намалува невработеноста. Групацијата „Везе шари“ има 140 вработени и со овој комплекс ќе стигне до 200 вработени – рече Абдурахмани.

Косопственикот на „Голд ленд“, Херман Хемлер нагласи дека е битна поддршката на институциите.

– Ме радува многу што сме овде да започнеме уште една инвестиција во Република Северна Македонија. Тоа е возможно само со поддршката што ја добиваме со нашите пријатели овде – рече Хемлер.

За премиерот Зоран Заев оваа инвестиција има повеќекратно значење и големи придобивки, особено што има рекордно ниво на искористеност од ИПАРД средствата.

– Ова е најголема инвестиција од мерката 1, суштествен капацитет кој ќе се гради. Оваа инвестиција ја испраќа пораката до младите дека дома има услови за развој, за прогрес, да се вратат дома. Освен тоа значи дека водиме грижа за рамномерниот регионален развој, вклучувајќи го и прилепскиот регион. Битно е што државата ги поддржува овие инвестиции, а од друга страна имаме огромна искористеност на парите од Европските фондови, посебно ИПАРД програмата. Значајно е што има пораст на бруто домашниот производ, развој на економијата, отворање нови работни места. Апелирам до сите кои имаат идеи, проекти, да ги реализираат – рече Заев.

Германскиот амбасадор Томас Герберих истакна дека Германија дава континуирана поддршка на земјава и за стопанска соработка и за прием во ЕУ.

– Овие инвестиции ќе придонесат за солидна основа за понатамошни економски реформи и за создавање поттик населението да остане во земјава. Германија е најважниот трговски партер на Република Северна Македонија. Билатералната размена на крајот од годинава ќе достигне над четири милијарди евра и постојано расте. Освен тоа, повеќе од 200 претпријатија со германски капитал вработуваат повеќе од 20.000 лица од земјава – рече амбасадорот Гербиерих.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...