Почна бербата на јаболко

234

Со симболично откинување на првото јаболко, денеска во Ресен, министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски го означи почетокот на годинешната берба на јаболка.

На манифестацијата Преспански јаболкобер, заедно со министерот Николовски присуствуваа евроамбасадорот Самуел Жбогар и постојаната претставничка на УНДП во Македонија Луиза Витон.

Николовски соопшти дека поради лошата година за производителите на јаболка и појавата на вишок на род Владата заедно со МЗШВ работи на мерки со кои ќе се овозможи откуп на целата количина индустриско јаболко. Mерките за откупот на јаболка се очекува да бидат донесени на следната седница на Влада.

– Нема да ги оставиме граѓаните сами. Тоа е клучната порака која денес сакам да ја кажам. Знаеме дека максимално 20. 000 тони може да собере преработувачката индустрија и дека ќе остане вишок на производство. Затоа Владата работи на мерки кои ќе го стабилизираат откупот, за што веќе утре имаме состанок со производителите, откупувачите и преработувачите – изјави  Николовски.

Во рамки на манифестацијата министерот со земјоделците и локалната самоуправа разговараа за политиките и придобивките од ЕУ и НАТО, за претстојната берба на јаболка, како и за сите мерки што досега Владата ги има донесено за развој на овоштораството вклучително и за производството на јаболка.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...