Рибниците од денеска до 27 декември можат да аплицираат за субвенции за сите субјекти кои произвеле или продале риба од сопствено производство на пазарите, соопшти Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.
Оттаму информираат дека средствата од оваа програма може да ги добијат рибниците кои набавиле материјал за порибување во периодот од 1 февруари до 30 септември годинава или пак произведената риба во рибниците ја продале во период од 1 ноември 2017 година до 31 октомври годинава.
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски вели дека до 300 илјади денари по корисник може да добијат оние субјекти кои набавиле подмладок или сами го произвеле.
Финансиска поддршка им следува и на субјектите кои произвеле и продале риба на пазарите, а кои во периодот од декември 2017 година до декември годинава немаат увезено жива риба. Субвенциите ќе се доделуваат скалесто во зависност од капацитетот на рибникот.
За произведени или порибени до 25 илјади килограми ќе добијат 100 отсто субвенција од 20 денари за килограм продадена риба. Од 25.000 до 50.000 килограми ќе добијат 75 отсто субвенција за 20 денари продадена риба, додека за субјектите до 100.000 килограми субвенцијата изнессува 50 отсто од 20 денари за продадена риба. Најмала, односно 25 проценти субвенција ќе добијат субјектите кои имаат над 100.000 килограми насадена или произведена риба.
Документите за добивање на субвенции може да се достават лично во архивата на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството или да се испратат како препорачана пошта.