Триесет милиони денари ќе бидат наменети за субвенционирање на домаќинствата кои сакаат да купат печки на пелети. Годинава, првпат половина од вкупната сума, односно 15 милиони денари се предвидени за субвенционирање на ранливите категории на граѓани.
– Ранливите категории граѓани ќе може да купуваат печки на пелети и притоа да ги исполнат соодветните услови од јавниот повик и на тој начин да бидат кофинансирани до 50 проценти, но не повеќе од 25.000 денари – истакна министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција.
Како главен услов за ранливите категории на повикот, што е објавен денеска, е лицата со ниски примања да се вработени или едниот брачен другар да е вработен и месечните примања во семејствата да не надминуваат нето приход од 30 илјади денари.
Тој најави дека во зависност од бројот на апликации коишто ќе ги има на овој оглас, постоои можност следната година да биде зголемен буџетот само за ранливите категории на граѓани.
Право на учество во оваа категорија граѓани имаат лицата кои ќе купат печки на пелети по денот на објавување на јавниот оглас.
Субвенции може да добијат и останатите домаќинства кои купиле печки на пелети во периодот од 1 јануари годинава го завршување на јавниот повик.
Доделувањето на субвенциите ќе се врши по принципот „прв дојден прв услужен’’.
Министерството за економија коешто го објавува јавниот оглас за субвенционирање годинава очекува зголемен интерес имајќи предвид дека на ланскиот оглас пристигнале над 2.000 апликации, а биле субвенционирани околу 640 домаќинства.