Утрово почина македонскиот писател Петко Шипинкаровски, раскажувач, поет, есеист и автор за деца, информира Друштвото на писатели на Македонија.
Шипинкаровски е роден на 22 септември 1946 година во Будимирци, Битолско.
Беше член на ДПМ од 2006 година. Автор е на следните романи: „Откорнати души“ (2003), „Петра“ (2005), „Црна љубов“ (2006), „Дабјак“ (2009), „Златни обетки за Марија“ (2011), „Децата на Марија“ (2012), „Утринска молитва“ (2015) и романизирани монографии: „Кога тргнав, Цвето, во туѓина“ (2006) и „Струшки сведоштва“ (2007). Ги има објавено и збирките раскази „Залезнина“ (2008) и „Еден живот, една приказна“ (2016), како и поетските книги: „Седело на орлица“ (2006), „Бели ветрови“ (2009), „Злоуми“ (2011), „Бели утра“ (2013) и „Доаѓаат дождовите“ (2015).
Автор е на драмските текстови „Духот на војводата“ (монодрама, 2003) и „Крлеж на вратот“ (2017), на есеистичката книга „Кога животот е уметност, уметноста живот“ (2014) и на збирката раскази за деца „Разбранувани води“ (2017).
Погребот ќе се изврши утре, на 27 јануари, во 13 часот, на градските гробишта во Струга.