Почина Жоел Робушон, готвачот со најмногу Мишелин ѕвезди

Славниот Французин е прогласен за готвач на векот во 1989 година во францускиот водич на ресторани „Gault et Millauga”.

171

Жоел Робушон, човекот кој со своите дваесетина ресторани на три континенти поседуваше рекордни 31 Мишелин ѕвезди, почина на 73 години, пренесоа светските медиуми. Тој починал од рак, во својот дом во Женева.

– Жоел Робушон, шеф на кујна, визионер со најмногу Мишелин ѕвезди во светот, не напушти. Од Париз до Шангај, со својата кулинарска вештина, што ја издигна на ниво на уметност, ја славеше француската гастрономија и ја поттикнуваше помладата генерација на готвачи – напиша на Твитер портпаролот на француската влада, Бенџамин Гриво.

Славниот Французин е прогласен за готвач на векот во 1989 година во францускиот водич на ресторани „Gault et Millauga”.

Градење репутација

Робушон на свои 29 години стана главен во кујната на парискиот хотел „Конкорд ла Фајет“, денешен „Хајат Риџенси Париз Етол“, каде во тоа време подготвувал по илјада оброци на ден. Репутацијата и својот углед ги стекна заради својот перфекционизам, строгост, сигурност и креативност.

Својот прв ресторан „Жамин“ го отвори во Париз во 1981 година, а во 1994 година го отвори и ресторанот „Жоел Робушен“, исто така во Париз, познат како еден од рестораните со педигре. Во 2003 година почна со проектот „Ателје на Жоел Робушон“ и го прошири тој концепт.

Името го изгради во 80-тите и 90-тите години кога гурманството станало глобално. Во Франција го сметаа за готвач кој и се врати на автентичната кујна по периодот на „нова кујна“.

– Колку сум постар, толку сум посвесен за простата вистина – колку јадењето е поедноставно, толку поисклучително може да биде – во една прилика изјави Робушон и откри дека никогаш не спојува повеќе од три вкусови во едно јадење.

Жоел Робушон важеше за перфекционист кој знаеше да усоврши сосема обична храна, како на пример пире од компир, што беше негов заштитен знак.

Овој човек стана синоним за бизнис бидејќи отвораше ресторани ширум светот од Лас Вегас до Шангај, преку Бангкок, Токио и Њујорк.

Ментор

Жоел Робушон објави неколку кулинарски книги на француски јазик, од кои две се преведени на англиски јазик. На 50 години замина во пензија но продолжи да учи други луѓе на кулинарските вештини. Робушон исто така му беше ментор на еден од најпознатите светски готвачи, Гордон Рамзи.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...