Потврден притворот за осомничените за убиството на Оливер Ивановиќ

179

Основниот суд во Приштина го прифати барањето на Специјалното обвинителство на Косово за одредување притвор во траење од еден месец за тројцата осомничени за убиството на Оливер Ивановиќ, што се случи пред речиси една година во северна Митровица, јави дописникот на МИА од Приштина.

Недељко Спасојевиќ и Драгиша Марковиќ, припадници на полицијата на Косово, заедно со Марко Рошиќ, беа уапсени во голема акција на косовските специјални единици РОСУ, на 23 ноември. Во акцијата, како што беше објавено, било пронајдено илегално оружје и „други материи кои претставуваат кривично дело и за кои се постапува според службена должност“.

На барање на Специјалното обвинителство на Косово, судот на тројцата им одреди едномесечен притвор, а по жалба на бранителите на осомничените, Апелацискиот суд го врати предметот на повторно разгледување. Судот во Приштина денеска ја потврди првичната одлука и одлучи осомничените да останат во притвор до 23 овој месец.

Оливер Ивановиќ, кој беше еден од лидерите на косовските Срби, е убиен во јануари годинава во северна Митровица, пред седиштето на неговата партија – Граѓанска иницијатива Србија, демократија, правда.

До полициската акција од 23 ноември, изведена на барање на Специјалното обвинителство, немаше речиси никакви информации за сторителите и мотивите за убиството.

Политичките лидери на Србите од северно Косово изразија сомневање во вистинските мотиви за акцијата, а беше организиран и протест со барање за ослободување на уапсените.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...