Постарите од 52 години се враќаат во државниот пензиски фонд

Според предложените измени, сите кои се родени пред 1967 година и доброволно склучиле договор за членување во вториот пензиски фонд ќе треба да изберат меѓу две можности да останат во вториот пензиски фонд или да преминат во првиот пензиски столб. Изјаснувањето за која опција се одлучиле ќе треба да го направат до 30 септември 2019 година. Доколку остануваат во вториот пензиски фонд ќе треба да потпишат нов договор.

1019

Работниците родени по 1 јануари 1967 година и се постари од 40 години, преминуваат во вториот пензиски столб. Годината на раѓање (ЕМБГ), наместо првото вработување стануваат критериум за членство во вториот пензиски столб. Ова се главните измени на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување и Законот за пенсиско и инвлаидско осигурување кои Владата ги достави во Собранието.

Според предложените измени, сите кои се родени пред 1967 година и доброволно склучиле договор за членување во вториот пензиски столб ќе треба да изберат меѓу две можности да останат во вториот пензиски столб или да преминат во првиот пензиски столб. Изјаснувањето за која опција се одлучиле ќе треба да го направат до 30 септември 2019 година. Доколку остануваат во вториот пензиски фонд ќе треба да потпишат нов договор.

Вкупниот износ на пари од сметката на членовите во вториот пензиски столб на кои им престанува членството поради промена на основот на осигурување и кои се изјасниле дека го напуштаат вториот пензиски столб, се пренесуваат во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување, односно во првиот столб.

Со овие измени се предлага и практикантите да бидат осигуреници, а во категоријата осигуреници со бенифициран стаж се додаваат и вработените во Оперативно техничка агенција и Агенцијата за разузнавање. Осигурениците со право на бенифициран стаж нема да членуваат во вториот пензиски столб, а оние кои досега уплаќале во него се префрлаат во државниот пензиски фонд.

Самовработени лица со полно работно време и вработените за кои е утврдено ослободување од плаќање на придонесите од задолжително социјално осигурување согласно Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, не се задолжителни членови во вториот пензиски столб за период за којшто е утврдено ослободувањето од плаќање на придонесите од задолжително социјално осигурување.

Владата предлага во повеќестолбниот пензиски систем, пензискиот придонес да се намали од 21,2 отсто на 18 отсто, но распределбата на овој придонес да ја следи тенденцијата на 2/3 во првиот столб и 1/3 во вториот столб

Дополнителнои извршени се измени и во однос на заменските стапки. Се врши и зголемување на заменските стапки за определување на пензијата за осигуреници кои се членови на двостолбниот пензиски систем. Имено, заменските стапки во корелација со годините на работен стаж и износот на платите на осигуреникот се клучни варијабли во определување на висината на пензијата.

Се предлага и зголемување на заменските стапки за членови во вториот столб за 1/3 или за 33 отсто, односно од 0,86 отсто (жена) за секоја година стаж на осигурување на 1,14 отсто и од 0,75 отсто (маж) на 1 отсто.

За членовите во првиот столб се врши прилагодување на заменските стапки за секоја година пензиски стаж навршен по 1 јануари 2019 година во висина на 1,54 отсто а за секоја година стаж на осигурување навршен по 1 јануари 2020 година на 1,47 отсто што е опфатено со членот 15 од предложените измени и дополнувања.

Со измените на Законот се предлага усогласувањето на пензиите да се врши два пати годишно, на 1 јануари и 1 јули секоја година според пораст на трошоците на живот. Доколку домашниот бруто производ (БДП) во претходната година има реален пораст повисок од 4 отсто ќе може да се изврши и дополнително усогласување.

Предложени се и измени во организацијата на фондовите, наплата на надоместок и усогласување на статусот и платите на вработените во ПИОМ со Законот за вработени во јавен сектор.

Исто така се брише одредбата со која се дефинира постоење на Одделение за ревизија на решенија со кои се утврдуваат права од пензиското и инвалидското осигурување во Стручната служба на Фондот.

Измените на двата закона, како што појасни Владата се вршат како резултат на анализата направена во изминатиот период која покажала дека постои нееднаквост на пензиите на сегашните и идните пензионери и нерамноправна распределба на осигурениците (работниците) во двостолбниот пензиски систем.

„Анализата ги опфати законските решенија донесени во минатото, процесите и фискалните импликации на двостолбниот пензиски систем. Неспорен е трендот на растечкиот дефицит на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија кој од 2008 до 2017 година се зголемил за 150 отсто, поради донесување на несоодветни законски решенија (намалување на стапки на придонес, зголемување на пензии надвор од системските одредби за усогласување на пензии содржани во закон, ослободување од плаќање на придонеси и сл.). Сите овие фактори пропратени со стареењето на населението во РМ имплицираат структурни прилагодувања во пензискиот систем“, стои во образложението.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...