После 20 години од милијардата на Циле, Македонија очекува нова милијарда

Бектеши истакна дека годинава очекуваме нов рекорден износ на инвестиции, околу една милијарда евра и над 30 големи компании.

1470

Министерот за економија Крешник Бектеши во интервју за локалната телевизија „Гура“ зборуваше за економската ситуација во земјава, странските директни инвестиции и политиките што ги креира Владата за нивно привлекување, како и влијанието на стабилноста на државата на нивото на инвестиции – постоечки и потенцијални.

Бектеши нагласи дека влезот во НАТО ја осигурува стабилноста и безбедноста на државата што придонесе за рекорден раст на инвестициите од над 624 милиони евра, од кои најголем дел се од ЕУ, САД и Турција, што ги отвора вратите за нови и добро платени работни места, зголемен животен стандард и постепен економски раст. Тој истакна дека годинава очекуваме нов рекорден износ на инвестиции, околу една милијарда евра и над 30 големи компании.

Тој зборуваше за програмата за конкурентност, иновации и претприемништво, како и дека поддршката за компаниите е зголемена, односно бизнис субјектите имаат на располагање 47 милиони денари и дека е обезбедена поддршка на развојот на над 150 претпријатија.

– Годинава фирмите имаат дури нешто над 53 милиони денари, поделени во дел за мали и средни претпријатија, за кој се веќе активни неколку мерки, дел за индустриска политика, каде поддршка ќе добијат субјектите од преработувачката индустрија, дел за кластерско здружување и нов дел за општествено-одговорно работење – рече министерот за економија Бектеши.

Во продожение тој зборуваше за трендот на растот на БДП кој е позитивен, што, според него, потврдува дека владините економски политики се правилно поставени и дека добро обмислените мерки во сите сектори ги даваат очекуваните резултати.

– Растот на БДП во четвртиот квартал на 2018 година изнесува 3,7 отсто, додека невработеноста ја проби психолошката граница од 20 отсто, односно падна на 19,4 отсто, што претставува намалување од 3,6 проценти за само една година, односно креирани се 26.600 работни места во текот на изминатата година – рече тој.

Бектеши истакна дека растот на БДП се базира на раст на градежништвото, што е вратено во нормала, со раст од 19,6 отсто во четвртиот квартал, растот на финалната потрошувачка, како и извозот на стоки и услуги.

– Индустрискиот раст во јануари 2019 година бележи раст од над 12 отсто, што ни дава за право да кажеме дека економијата на Република Северна Македонија има светла иднина и дека создаваме силна економија, бидејќи ние сме убедени и очекуваме дека растот на БДП годинава ќе изнесува над 3,5 отсто – рече меѓу другото министерот Бектеши.

Пред 20 години, Васил Тупурковски вети милијарда долари инвестиции во земјава откако Македонија го призна Тајван, ама од тоа ветување тогаш само си создадовме непријателство со Кина. Никола Груевски, пак, пред локалните избори во 2009 година објави план за реализација на 8 милијарди евра инвестиции во инфраструктурата и енергетиката. Но, ни од тоа не испадна ништо. Сега да видиме дали овој пат конечно некоја милијарда ќе заблеска во земјава.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...