Последната војна меѓу Македонците и Грците

Сега сме цивилизирани луѓе. Но, да внимаваме. Отсуството на контрола и отчетност во политичкиот систем или на критичка опсервација на минати политики можат да бидат злоупотребени  од алчните и нецивилизираните. Затоа треба да се јакнат институциите на демократската држава и на контрола и отчетност на работата на политичарите: секојдневно. И мојата академска заедница има своја важна мисија.

3150

Кога познатиот новинар Дејвид Бринкли, згрозен од касапницата во Виетнам, го прашал американскиот претседател Линдон Џонсон зошто не ги врати трупите дома, Џонсон одговорил: „Јас нема да бидам првиот американски претседател кој загубил војна“. И во „војната“ меѓу Македонија и  Грција, резонот на македонските и на грчките политичари беше истиот: тие да не бидат запишани во историјата како предавници на името. На Балканот компромиси не се прават лесно зашто историјата на балканските народи е трауматична. Производ на тие трауми се и и балканските политичари. Кај нив, често има една отровна мешавина на национализам, опсесија и логика да се остане што  подолго на власт. Можеби, делумно, тоа произлегува и од карактерот на балканските војни. Имено, надворешните набљудувачи, кога ги опишувале нашите војни, заклучувале дека тоа не се војни меѓу војски, туку на народи кои се истребувале едни со другите. Затоа крајот на војната не е навистина крај на војната: омразата останува во нас до наредната пресметка кога ние ќе се обидеме да ги одмаздиме нашите претци. Велат, и мирот е тежок на Балканот. Зашто омразата останува и се пренесува од генерација на генерација. Знаејќи за ова, одамна предупредив дека нашите народи нема да можат да се помират ако на грчката националистичка конструкција и спротиставиме македонска национачистичка конструкција. За жал, токму тоа се случи. Со „антиквизацијата“, на историските бедеми на омраза и страв во нашите умови, додадовме нови блокови на непомирлив национализам.

Но, да не очајуваме. На решението на спорот остварено со Преспанскиот договор, може да се гледа и вака: кога ги отстранивеме блоковите од антиката изградени од политиката на  македонскиот национализам во текот на мандатите на ВМРО-ДПМНЕ и на претседателот Иванов, останавме со политиката која ја формулиравме и ја водевме на почетокот од деведесеттите. Која беше таа политика? Тоа беше политиката на мир и решавање на проблемите преку дијалог и компромис. Политика која одбегнуваше да ги иритира соседите, а корените на нашата нација ги наоѓаше во нејзиниот словенски карактер.  Политика која велеше дека нашата држава и нација е формирана во југословенската федерација, по Втората светска војна, а влече корени од македонските преродбеници од деветнаесеттиот век, преку Крсте Мисирков и НОБ до денес. Тоа беше една интерпретација на македонската историја која беше согласно историската вистина, присутна во сите светски учебници и неоспорувана од никого со релевантна тежина во светската наука и политика.

Е, таа политика прво ја напуштивме, а потоа и се вративме после четврт век талкање по замисленото славно минато. Со Преспанскиот договор, храбрите млади политичари на Република Грција и Република Северна Македонија, ослободувајќи се од јаремот на своите национализми и со силна поддршка на Западот, нѐ вратија на правиот пат, на стариот пат. Она што и го нудевме на грчката држава тогаш, на почетокот од деведесеттите, таа го прифати дури сега. Промената кај Грците е голема: тогаш Грција посакуваше и работеше на тоа да нѐ нема, како држава и како нација. Нејзините авиони заканувачки го нарушуваа нашиот воздушен простор. Милион и петстотини илјади граѓани на Солун и на Атина излезени на улиците, во атмосфера карактеристична пред избивање на војна, скандираа „Македонија е грчка“.

Денес, како сојузници во НАТО, грчки авиони патролираат во заштита на истото тоа македонско небо. Двете страни можат да речат дека победиле. Ципрас, деновиве, на својата публика и рече дека тие победиле затоа што ја одбраниле антиката. Ние, пак, ја одбранивме нашата сегашност и иднина. Зашто, факт е дека ништо битно од она што беше наша политика во 1991 не ни е одземено. Се разбира, демонтирајќи ја нашата античка националистичка конструкција, моравме да платиме повисока цена за компромисот: име за севкупна употреба, кое, можеби, не ќе моравме да ја платиме ако политиката посветено работеше на компромис наместо да ни го арчи времето со поставувањето на темелите на нашиот идентитет таму каде што, мораше да знае, ќе ги рушат. Така, направивме еден круг од триесетина години и се вративме на почетната точка.

Но, тоа е тоа. Ќе одговара ли некој за катастрофалната грешка? Ќе биде ли пофален некој дека бил во право? Не, и во првиот и во вториот случај. Не сме од тие народи кои учат од своите грешки. Како и би можеле кога грешките одбиваме и да ги признаеме. Вистинска уживанција е да си политичар во либерална демократска држава: претходната грчка политичка елита за малку ќе не уништеше нас онака како што финансиски ја  уништи сопствената држава и никому ништо; претходната македонска политичка елита истото ќе и го направеше на сопствената држава, и никому ништо. Повеќе анализи се прават на просториите на поранешниот претседател одколку на неговите политики. Човек да посака за грчките и за македонските политичари да се вратат времињата на средновековната политика на Макијавели и Медичи кога влогот да се учествува во политичката игра бил животот на политичарот, па ретко кој умрел во својот кревет од старост. Но, тие времиња не се враќаат.

Сега сме цивилизирани луѓе. Но, да внимаваме. Отсуството на контрола и отчетност во политичкиот систем или на критичка опсервација на минати политики можат да бидат злоупотребени  од алчните и нецивилизираните. Затоа треба да се јакнат институциите на демократската држава и на контрола и отчетност на работата на политичарите: секојдневно. И мојата академска заедница има своја важна мисија. Мора да биде поактивна во елаборирање на демократските алтернативи и во критика на национализмот, ако не сакаме, на некој нов свиок на историјата, како на почетокот од независноста, пак да заталкаме во триесетгодишен круг,наместо забрзано да одиме напред кон интеграција со модерниот демократски свет. Политиката не е права линија, најкраткиот пат помеѓу две точки, ќе рече некој. Точно. Но,токму затоа секогаш мораме да бидеме на штрек долгиот и кривулест пат до целта да не биде многу подолг од што треба.

(Извор: Инбокс7)

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...