Секој кој пишува поезија знае дека тоа е несовршен труд. Само будалите се среќни со себеси. Дозволете да ја прифатам оваа прекрасна награда и да не заборавам на сопствената несовршеност, да не заборавам дека моето патување сѐ уште не завршило, истакна добитникот на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата, Адам Загајевски.
Заблагодарувајќи се за највисокото признание на СВП, во неговото претставување синоќа во црквата „Света Софија“ во Охрид полскиот поет изрази задоволство што се вбројува на листата поетски великани од кои некои ги познавал лично, а некои биле и негови пријатели.
– Свесен сум дека моето присуство тука не се должи само на мојот сопствен труд, не само на тие кратки моменти на просветление кои ја создаваат основата на секоја уметност, туку се должи и на моите прочуени претходници во областа на полската поезија. Сите тие не биле крунисани тука, но сигурен сум дека сите се присутни оваа вечер во Струга, Чеслав Милош, Вислава Шимборска, Збигњев Херберт, Александар Ват, Мирон Бјалошевски, како и Тадеуш Ружевич кој бил тука пред триесетина години – истакна Загајевски.
За ликот и делото на Загајевски говореше професорката Лидија Танушевска, која подвлече дека годинапниот лауреат на СВП пишува поезија и есеистика во духот на филозофската и културната ерудиција, а неговата лирика со сигурност може да се опише со категориите на современиот класицизам.
– Наместо јазични игри се служи со „семантичка прозрачност“, бидејќи самиот смета дека најважната одлика на поезијата е смислата, а не обликувањето на јазикот…Добро е што полската поезија го има Адам Загајевски. Неговиот бел стих, длабок и рафиниран, насочен кон читателот, допира до многу луѓе во светот. Тој е амбасадор на полската поезија и тоа онаа, како што велат „Полјаците“ од „највисоката полица“. Денес, Загајевски е пред се поет на убавиот, импресионистички и симболичен израз, преку кој сака да ги дофати различните аспекти на човековиот бит – истакна Танушевска.
Избор од поезијата на Загајевски Струшките вечери на поеизјата објавија во тријазично капитално изданије на 800 страници на македонски, англиски и полски јазик.