Поништувањето на изборот за градоначалник на Истанбул претставува победа за турската демократија, бидејќи со тоа ќе биде овозможено резултатите од изборите да ја одразуваат волјата на избирачите, изјави Фахретин Алтун, портпарол на турскиот претседател Реџеп тајип Ердоган.
Врховната изборна комисија вчера одлучи да ги поништи резултатите од изборите што се одржаа на 31 март. На гласањето за градоначалник на Истанбул победи главниот опозициски кандидат Екрем Имамуглу, но со малку гласови предност.
Алтун рече дека со новите локални избори во најголемиот турски град, кои Врховната изборна комисија ги закажа за 23 јуни, продолжува серијата слободни и фер избори, кои веќе седум децении се одржуваат во Турција.
– Исто така, ние сме убедени дека правосудниот систем на одговорност ќе ги повика сите поединци и организации кои ги кршеа изборните закони за време на овој процес – истакна Алтун.
Во неколку делови од Истанбул синоќа избија протести поради одлуката на турската Врховна изборна комисија да ги поништи резултатите од локалните избори на кои победи опозицијата. И Екрем Имамоглу од Републиканската народна партија, победник на изборите од 31 март и поранешниот премиер Бинали Јилдирим од владејачката Партија на правдата и развојот со соопштенија потврдија дека ќе бидат на листата на повторните избори закажани за 23 јуни. Протестите во Истанбул беа во реоните Бешикташ, Кадикој и Шишли.
Имамоглу, ја осуди одлуката на највисокиот изборен орган во Турција за повторно одржување на изборите за градоначалник во градот, нарекувајќи ја „предавничка“. Имуглу се сврте кон илјадници приврзаници во центарот на Истанбул, велејќи: Тие се обидуваат да ги вратат изборите што ги освоивме … Може да бидете вознемирена сега, но никогаш не ја губете својата надеж.
ЕУ упати критики за одлуката на Врховната изборна комисија на Турција да ги поништи резултатите од изборите за градоначалник на Истанбул и да организира ново гласање на 23 јуни.
Во заедничка изјава шефицата на ЕУ дипломатијата Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан се нагласува дека тоа решение е спротивно на самата идеја за демократски изборен процес. Исто така се додава дека одлуката била политизирана и е во спротивност со клучната цел на демократскиот процес. Освен тоа, тој чекор значи и поткопување на изборниот процес и е против обврските преземени од Турција како член на Советот на Европа.
ФОТО: EPA / ALEXEY NIKOLSKY / SPUTNIK / KREM