Индустриското производство во јули е зголемено за 5,8 отсто во однос на истиот месец лани, објави денеска Државниот завод за статистика.
Пораст има во секторот „рударство и вадење камен“ за 15,7 отсто, „снабдување со електрична енергија, гас и пареа и климатизација“ за 51,8 отсто, а на исто ниво со јули лани е индустриското производство во секторот „преработувачка индустрија“.
Според главните индустриски групи, пораст има кај „енергија“ за 53,9 отсто, „трајни производи за широка потрошувачка“ за 16,9 отсто и „капитални производи“ за 12,5 отсто, а намалување се бележи кај „интермедијарните производи, освен енергија“ за 3,7 отсто и „нетрајни производи за широка потрошувачка“ за 5,2 отсто.
Индустриското производство е зголемено и во периодот јануари-јули за 4,9 отсто во однос на истиот период лани.