Поранешни високи официјални претставници на САД, вкупно 58 демократи и републиканци, подготвуваат изјава за прогласот за вонредна состојба на јужната граница од страна на претседателот Доналд Трамп, во која се истакнува дека „не постои фактичка основа“ за тоа, дознава весникот „Вашингтон пост“.
– Нема веродостојна оценка заснована врз докази дека постои национална вонредна состојба која овозможува претседателот да користи фондови наменети за други цели за изградба на ѕид на јужната граница, се вели во изјавата.
Меѓу другите, потписници на документот од 11 страници се Медлин Олбрајт, државен секретар во администрацијата на Бил Клинтон; Џон Кери, државен секретар во владата на Барак Обама; Чак Хагел секретар за одбрана на Обама; Сузан Рајс, советник за национална одбрана на Обама; Томас Пикеринг, амбасадор на САД во ОН во администрацијата на Џорџ Буш Постариот; Елиот Коен, советник во Стејт департментот во владата на Буш Помладиот и други.
Трамп прогласи вонредна состојба на 15 февруари што му дава право да искористи неколку милијарди долари федерални средства за изградба на ѕид на границата со Мексико. Со овој чекор претседателот ја одбегна одлуката на Конгресот, откако Претставничкиот дом не дозволи да се издвојат 5,7 милијарди долари побарани од Трамп. Спорот беше причина за најдолгата блокада на делови од американската Влада.
Неделава 16 сојузни држава и граѓански организации поднесоа тужба против прогласот за вонредна состојба на Трамп. Покрај изјавата на високи официјални лица од поранешните администрации, Претставничкиот дом подготви резолуција за стопирање на прогласот која наскоро треба да оди на гласање.
Трамп вети дека ќе стави вето на оваа мерка.
Во изјавата се нагласува дека мерката на Трамп е без преседан и дека самата администрација поседува податоции за спртивното – дека не е потреба вонредна сосотојба за справување со предизвиците на јужната граница како криминал, тероризам и трговија со луѓе.
-Прогласот само може да ги влоши постоечките хуманитарните проблеми на јужната граница, се вели во изјавата и се додава дека прераспределбата на средствата ќе ги поткопа националната безбедност и надворешните политички интереси на САД.
– Приливот на нелегални имигранти во моментов е на најниско ниво во изминатите четири децении и не се регистрира тероризам или опасен криминал на јужната граница, се додава во изјавата.
Photo: EPA / JIM LO SCALZO