Поранешниот личен адвокат и посредник на американскиот претседател Доналд Трамп, Мајкл Коен, денеска го започнува своето тридневно маратонско сослушување во Конгресот во кое според упатените тој е подготвен да го опише неговиот поранешен клиент како расист кој лажел во бизнисот и вршел наводни криминални дела, јави дописникот на МИА од Вашингтон.
Сослушувањата пред комисиите за разузнавање на Сенатот и на Претставничкиот дом денеска и в четврток се затворени за јавноста, додека утрешното сослушување пред Комитетот за надзор на Претставничкиот дом ќе биде отворено.
Јавноста во САД со нетрпение го очекува утрешното сослушување како невиден телевизиски спектакл во кој Коен ќе ја докажува својата невиност со поднесување на разни документи со цел да избегне долга затворска казна.
Коен е осомничен од специјалниот обвинител Роберт Малер за нелегално користење средства од изборната кампања на Трамп и за водење на бизнис договори меѓу тогашниот претседателски кандидат и луѓе блиски на Кремљ во текот на кампањата во 2016 година за реализација на проектот Кула Трамп, облакодер во Москва.
Во текот на истрагата тој призна пред специјалното обвинителство дека лажал под заклетва кај повеќе инстанци како конгресните комитети за разузнавање, кoи ја истражуваа поврзаноста на кампањата на Трамп со Москва, и дека инструкциите да лаже ги добивал од самиот претседател.
Сослушувањата на Коен неделава ќе откријат многу детали за однесувањето на Трамп за време на кампањата и по неговиот избор за претседател, за што демократите во Конгресот подготвуваат да воведат процедура за негово отповикуање (импичмент).
Упатените во истрагата велат дека Коен на сослушувањата ќе се појави со куп документи како финансиски извештаи и други докази за потврда на неговите тврдења за претседателот.
Во врска со тоа дека Трамп е расист, Коен во интервју за магазинот „Венити Фер“ пред неколку месеци изјави дека Трамп често користел расистички речник и во една прилика кажал „црнците се премногу глупави да гласаат за мене“.
Според Коен, претседателот исто така пријавувал зголемени или намалени приходи од своите бизниси за да избегне плаќање на даноци. Но тоа не може да се докаже се додека Трамп не ги приложи даночните налози, што тој досега одива да го стори.
Сара Сандерс, портпарол на Белата куќа, ги отфрли наводите на поранешниот адвокат на претседателот.
– Oсрамотениот престапник Мајкл Коен ќе оди в затвор поради тоа што лажел пред Конгресот и други фалсификувани изјави. Патетично е ако некој верува на обвинет лажго како него, и патетично е што тој ќе се појави повторно пред Конгресот каде веќе лажеше, изјави таа.
Според „Њујорк Тајмс“, на прашањето зошто ги променил своите искази Коен одговори дека „доста е со лаги и на прво место за мене се моите деца, семејството и мојата земја“.
Додека трае драмата со судењето на Коен од кое зависи политичката иднина на Трамп во Вашингтон, претседателот е во Ханој, Виетнам, на дводневна средба со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-Ун на разговори за денуклеаризација на Северна Кореја.