Поранешниот грчки министер за здравство во Владата на ПАСОК, а сега пратеник од Демократскиот сојуз, Андреас Ловердос е осомничен за пасивен поткуп во случај со фармацевтската компанија „Новартис”, објавија грчките медиуми.
Грчкото Јавно обвинителство, преку Министерството за правда до Парламентот на Грција го доставило предметот за случајот и поради понатамошна истрага за евентуална одговорност на Ловердос, бара одземање на пратеничкиот имунитет.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, Обвинителството ги архивираше случаите за четири политичари, додека се уште се истражува евентуалната вмешаност на петмина други, меѓу кои и поранешниот премиер Андонис Самарас и поранешните министри Јанис Стурнарас, Димитрис Аврамопулос и Адонис Георгиадис.
Истрагата на обвинителството е за периодот април 2011- мај 2012 и се однесува на четири лекови од конкретната компанијата кои во Грција се продавале по повисока цена за разлика од другите европски земји.
Портпаролот на грчката Влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос на денешниот редовен брифинг со новинарите рече дека скандалот „Новартис” е „еден од најголемите, а можеби и најголем скандал скандал од формирањето на грчката држава“, а истакна дека проценките се дека земјата од него претрпела штета од околу 23 милијарди евра.